Ние бараме еднаш да се стави на дневен ред предлог-законот што го поднесовме бидејќи тој застана на прво читање во Комисијата за политички систем. Сакаме да се отвори дебатата пред пленумот во Собранието и да може да ги изнесеме аргументите за кои ние сметаме дека одат во прилог на една изборна единица, а и да можеме да ги слушнеме аргументите на политичките партии што не се поборници на оваа теза, вели Моника Зајкова, лидерка на ЛДП
Партиите поддржувачи на воведувањето една изборна единица, кои предложија и закон за тоа, в понеделник ќе имаат заедничка прес-конференција во Собранието. Ова го најави пратеничката и лидерка на Либерално-демократската партија (ЛДП), Моника Зајкова, во емисијата 360 степени“ на ТВ „Алсат“.

„Ние бараме еднаш да се стави на дневен ред предлог-законот што го поднесовме, бидејќи тој застана на прво читање во Комисијата за политички систем. Сакаме да се отвори дебатата пред пленумот во Собранието и да може да ги изнесеме аргументите за кои ние сметаме дека одат во прилог на една изборна единица, а и да можеме да ги слушнеме аргументите на политичките партии што не се поборници на оваа теза. Има и такви кои сметаат дека треба една изборна единица, но треба да се воведе изборен праг. Ајде, да ги соочиме аргументите и да искреираме решение што ќе биде најдобро и за државата и за граѓаните“,
рече Зајкова.
Реактуелизирањето на темата доаѓа во момент кога почна да функционира работна група што треба да усогласи примени во Изборниот законик во пресрет на претседателските и парламентарните избори.
„За едно сме сите согласни, а тоа е дека ни е потребна изборна реформа. Како предлагачи на измените на Изборниот законик, предложивме тоа да биде со измена во изборниот модел од шест во една изборна единица која ќе биде без праг, односно ќе се наметне природен цензус. Искрено, сметаме дека ваквиот изборен модел ги фаворизира поголемите, по број на членство, политички партии, а ние гледаме кои се тие низ годините. Како да се наметна биполарен систем на промена на политичката гарнитура помеѓу две партии од македонскиот блок и една до две партии од албанскиот блок. Тоа нас нè турка во правење предизборни коалиции од кои не може да се измери реалната вредност на политичките идеологии”,
рече Зајкова.
Таа додаде дека ЛДП е подготвена да разговара и за воведување изборен праг ако се оди кон воспоставување една изборна единица.
Од друга страна, Кристијан Фидановски – докторанд на Оксфорд и коавтор на анализа за македонскиот изборен модел, кој исто така учествуваше во емисијата, рече дека кај политиколозите постои реален страв дека при евентуална дополнителна пропорционализација на изборниот модел (со евентуално воведување една изборна единица) ќе се направи уште поголем проблем.

„Дополнително, со понеефикасни владејачки коалиции, што повеќе партии има во Собранието, толку повеќе компромиси треба да се прават помеѓу нив. Помалку ефикасни, помалку стабилни и најчесто краткотрајни владејачки коалиции резултираат со почести предвремени парламентарни избори, уште една честа појава во Македонија и појава кон која структурно актуелниот модел кај нас доста придонесува. Појава за која можеме да се плашиме како политиколози е дека дополнителна пропорционализација на изборниот модел може да претставува уште поголем проблем“,
рече Фидановски.
Фидановски, кој е коавтор на анализата за тоа колку е пропорционален македонскиот модел, истакна дека во Македонија има ситуација која структурно гледано, со овој изборен модел, им одговара на помалите партии, а заклучокот од направената анализа е дека земјава моментално се наоѓа на делба на второто место од 32 европски држави во однос на пропорционалноста на моделот.