Посочи дека најчест проблем со исплатата на породилните отсуства е поради задоцнето пријавување на родилките од страна на работодавачите, додавајќи дека често со пресметките за породилно отсуство доцнат и државни институции. Додаде и дека не се доцни со исплата на капитации за матичните доктори, како и дека е исполнето ветеното зголемување од 33 отсто
Нема доцнење во исплатата на надоместокот за породилно отсуство и на капитациите за матичните доктори, изјави денеска директорот на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО), Сашо Клековски.

Според него, исплатата на надоместокот за породилно отсуство се одвива тековно, додавајќи дека за ноември годинава се исплатени над 6 600 породилни отсуства.
Коментирајќи ги реакциите за доцнење на исплатата на породилните отсуства, рече дека главнината се исплаќа од 10-ти до 20-ти во месецот.
„Постојано се прават анализи и согледувања дали има заостанати исплати, бидејќи бројот на исплатени породилни отсуства секој месец варира и немаме константен број. Можниот обен во декември е решен со прераспределбата во буџетот, каде е зголемена позицијата за породилни отсуства и кај нас и во Министерството за економија и труд, бидејќи имавме раст на вкупниот број на породилни исплати поради зголемување на платите, а не поради зголемување на бројот на родени бебиња и породилни отсуства“,
кажа тој.
Посочи дека најчест проблем со исплатата на породилните отсуства е задоцнетото пријавување на родилките од страна на работодавачите, додавајќи дека често со пресметките за породилно отсуство доцнат и државни институции.
Клековски вели и дека не се доцни со исплата на капитации за матичните доктори, како и дека е исполнето ветеното зголемување од 33 отсто.
„Од редовноста во исплатата од јули 2024 година може да се види дека ФЗО се придржува до договорените обврски, а тоа е исплата во рок од 60 дена од доставената фактура на матичните лекари и исплата за ноември од 493 милиони денари, која сега се реализира“,
рече директорот на ФЗО.
Според него, заклучно со 9 декември се активни 948 договори за општа медицина, 972 за општа стоматологија и 149 за гинекологија.
