Пратеникот на Алтернатива рече дека го очекувал „предавството“ на Реџепи, со кого последната комуникација ја имал пред четири години, кога се разделиле со Беса
Дојдени сме за да гласаме за да падне Владата и остануваме на тој став, порача пратеникот на Алтернатива, Скендер Реџепи-Зејд, неколку часа по почетокот на денешната собраниска седница на која опозицијата нема кворум за усвојување на дневниот ред.
„Целта ни е до полноќ да ја срушиме оваа власт“,
порача Реџепи-Зејд.
Тој изјави дека го очекувал „предавството“ на пратеникот Кастриот Реџепи, кој денеска не дојде на седницата за уривање на Владата.
„Последна комуникација со него имав пред четири години кога се раздвоивме од Беса, и знаев дека тој што еднаш те предал ќе те предаде секојпат“,
рече тој.
Инаку, Кастриот Реџепи објави на Фејсбук дека, според него, државата во овој важен период нема потреба од политичка криза. Тој, исто така, вели дека големи се шансите во декември С Македонија да добие датум за почеток на преговорите со ЕУ.
По веста дека опозицијата нема кворум за усвојување на дневниот ред на денешната седница, на која требаше да се расправа за доверба на Владата, Kасами рече дека дошол во Собранието за да види што се случува. На прашање дали е изненаден од потегот на неговиот сопартиец, пратеникот Кастриот Реџепи, Касами рече „не, од ништо не сум изненаден“.
Реџепи-Зејд, пак, едно време се премислуваше околу поддршката за иницијативата за доверба на Владата, поради потписите на Левица, за на крај да се согласи со повлекувањето на потписот на пратеникот Димитар Апасиев.