Пратеникот на Беса изјавил дека со своето семејство заминал кај пријател за да се заштити од публицитет
Пратеникот Кастриот Реџепи од Беса сам се пријавил во полициска станица и дал изјава дека не бил исчезнат.
„Во врска со вчера добиената пријава во ПС Бит-пазар за К.Р., МВР ве известува дека пред малку К.Р. своеволно дојде во полициска станица и даде изјава дека пријавата е невистинита односно никогаш не бил исчезнат, туку самоволно, без никаков притисок, со своето семејство заминал кај пријател за да се заштити од публицитет, поврзано со собраниската седница“,
велат од МВР.
Реџепи денеска преку Фејсбук најави прес-конференција за понеделник и ја повика својата партија да не избрзува со чекорите што ќе ги презема.
„Апелирам до раководството на движењето Беса да не презема забрзани чекори кои ќе им наштетат на нашите структури и активности. Треба да се постапува внимателно“,
напиша Реџепи на својот приватен профил на Фејсбук.
Синоќа лидерот на Беса, Билал Касами, го пријави Реџепи во полиција како исчезнат, откако тој не се појави во Собранието на седницата за недоверба на Владата.
ВМРО-ДПМНЕ и утрово тврдеше дека Касами се држи како заложник, иако тој, во меѓувреме, се огласи со видеопорака посочувајќи дека се чувствува добро и е на сигурно.
Единствениот министер на Беса и двајцата заменик-министри денеска поднесоа оставки на функциите во Владата. Со тоа Беса веќе не е дел од владејачката коалиција.