„Треба да имаме влада, сите го очекуваме тоа, мислам дека Бугарија нема време за губење за да организира избори по избори“. Ова пред новинарите во Созопол го изјави бугарскиот претседател, Румен Радев.
Тој рече дека очекува одговорен став од сите политички партии, дијалог и консензус за важните приоритети. Сега е време да се покаже одговорност пред сите, порача Радев.
Тој изрази надеж дека нема да има потреба од нови избори.

„Но, ако ова е потребно, ќе ја разберете мојата одлука за тоа дали ќе остане истата привремена влада или ќе има промена“,
коментира Румен Радев.
Дали партиите што освоија пратеници на неодамнешните избори ќе стигнат до договор за политичка влада, се уште е неизвесно. Иако од „Има таков народ“ – партијата победник на изборите, ретерираа по првичниот став дека нема да преговараат со ниедна друга партија, па ни со оние што произлегоа од протестите за премиерот и министрите што ги предложија, не е јасно како ќе се стигне до мнозинство во парламентот и за каква и чија влада.