Владата со Уредба ги обврза трговците да ангажираат редари, кои ќе надгледуваат и дали граѓаните ги дезинифицираат рацете при влез во продавниците
Сопствениците на маркети, самопослуги, пекари.. ќе треба да обезбедат редарски служби за да се задржи потребната дистанца меѓу купувачите и да се гарантира дека тие ќе ги дезинфицираат рацете при влез во објектот.
Ова е предвидено со Уредбата за примена на Законот за трговија за време на вонредна состојба што ја донесе Владата на денешната седница, со цел, како што се наведува, обезбедување ред и дисциплина при влез и во внатрешноста на објектите во кои се врши трговија во мало.
Согласно Уредбата, трговецот е должен да обезбеди редарска служба при влезот и во внатрешноста на објектот, за да се запази минимум потребното растојание меѓу лицата пред и во објектот и да обезбеди спроведување на дезинфекција за раце при влез во објектот.
„Уредбата определува дека трговецот е должен да постави соодветни ознаки со кои се обележува правецот на движење и запазување на минимум потребното растојание при чекање ред на лицата пред и во објектот. Ознаките се поставуваат на растојание од два метри и тоа пред секоја каса за наплата и пред влезот на објектот“,
се наведува во соопштението од денешната седница на Владата.
*поврзана вест: Пендаровски: Банките и маркетите треба да имаат свои редарски служби, а МВР и Армијата само да помагаат