„Ќе поднесам приговор до Внатрешна контрола на Министерството за внатрешни работи (МВР) за постапувањето на полицијата, особено во делот на претрес на моето приватно возило, без мое присуство и без судски налог“, рече новинарот
Утре преку адвокат ќе поднесам приговор до Внатрешна контрола на Министерството за внатрешни работи (МВР) за постапувањето на полицијата, особено во делот на претрес на моето приватно возило, без мое присуство и без судски налог. Ова денеска го изјави новинарот Фуркан Салиу за ТВ Сител, кој вчера беше уапсен за време на инциденти на фудбалски натпревар, а доцна синоќа излезе од полициска станица.

„Како знаеле дека тоа возило е мое? Веројатно имале информации дека поседувам пиштол и дека речиси секој викенд одам на стрелиште. Докази за тоа можат да најдат во стрелиштето, каде се запишува секој кој таму оди, односно пред да пукаш се запишуваш. Тоа го искористија за да ми вратат за прилозите кои ги објавив на ‘Портал Икс’ деновиве“,
вели Салиу.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски по работната посета на полициската станица во Шуто Оризари изјави дека е факт оти вчерашниот фудбалски натпревар во Средно Коњари бил од висок ризик и поради тоа имало припадници на интервентната полиција и на ЕБР, факт е дека приведените лица имале физички контакт со полицајците и дека кај приведениот новинар Фуркан Салиу е пронајдено оружје во возилото.
Исто така, додаде тој, факт е дека во возило во сопственост на еден од приведените е пронајдено огнено оружје – пиштол при преглед од страна на овластените службени лица, кој е со дозвола во однос на имателот, но таа дозвола во никој случај не може да амнестира прекршочно дело.
„Во овој дел таквото оружје во никој случај не може да биде во возило во рамки на селото Средно Коњаре. Точно се знае каде се носи оружје, како се транспортира од точка А до точка Б, дали се носи со полн или празен шаржер. Констатиран е прекршок во однос на начинот на поседување. Легалитетот на самото поседување е неспорен, спорен е начинот на користење. Ова не е начин на чување оружје“,
истакна министерот за внатрешни работи.
На настанот на кој Тошковски даваше изјави беше присутен и новинарот Фуркан Салиу, кој го праша дали тој нападнал или спречил полицаец во вршење службено дејство.
Како што објасни министерот, според службените белешки доставени од полицајците, а во кои тој имал увид, и согласно информациите од полицајците кои биле нападнати, Салиу нападнал службено лице. Според снимката што тој лично ја видел, Салиу спречил овластено службено лице во преземање одредени дејствија.
„Не е важно што јас сум видел, јас не поднесувам кривична пријава, ниту судам. Никој нема право да злоупотребува никаква позиција во ова општество, без разлика дали е новинар, доктор, адвокат или министер. Никој нема право да нападне службено лице и никој нема право да нападне новинар. И законот треба да важи за сите“,
нагласи Тошковски.
Тошковски го повика Салиу да биде искрен и да одговори дали имал физички контакт со полицаец, на што Салиу одговори: „Во ниту еден момент“.
По ова Тошковски му врати: „Лажете, господине Фуркан“.
На прашањето на Салиу зошто бил извршен претрес на неговото возило без негово присуство, Тошковски нагласи дека бил извршен преглед.
„Известен сум дека при извршен преглед на вашето возило е пронајден пиштол. Многу е битно пиштолот да го чувате дома, а не во возило и на спортски настан, да го користите согласно одредбите од законот“,
рече Тошковски.
Салиу го праша Тошковски што доколку се утврди дека тој не нападнал полицаец.
„Ќе ви се извинам лично, нормално, но тоа не го видов на камерите“,
истакна Тошковски.
За дополнителниот заменик-министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев разбирлива е бурната реакција на јавноста во врска со приведувањето на новинарот Фуркан Салиу. Бојмацалиев денеска се воздржа од давање повеќе изјави од она што вчера беше наведено во соопштението од МВР.
Бојмацалиев најави дека внатрешната контрола при МВР ќе биде вклучена во врска со тоа што вчера се случувало, зошто е уапсен новинарот и на кој начин.
Новинарот Салиу синоќа изјави дека смета оти е ослободен само затоа што работи како новинар и дека во спротивно би завршил во притвор.