Изминатите неколку недели Русија бележи рекорди во однос на бројот на заразени и починати, поради што властите побараа забрзување на вакцинацијата
Русија регистрираше 984 смртни случаи од ковид-19, што е најголем број смртни случаи во еден ден од појавата на пандемијата.
Во изминатите 24 часа се регистрирани 28 717 нови случаи на инфекција, пренесува Ројтерс.
Поради зголемениот број заразени лица, Кремљ побара забрзување на процесот на вакцинација.
Изминатите неколку недели Русија бележи рекорди во однос на бројот на заразени и починати. Вчера починаа 973 лица, а регистрирани се и 28 190 случаи на новозаразени.
Русија, која беше првата земја што разви вакцина против ковид-19, има тешкотии да го вакцинира своето население. Само 29 проценти од возрасната популација примиле две дози од една од трите руски вакцини што биле во употреба. Вакцините од странските производители не се дистрибуираат во земјата.
Официјалните лица рекоа дека огромното мнозинство луѓе кои биле хоспитализирани не се вакцинирани, а Путин постојано апелираше до Русите да се вакцинираат.
Меѓутоа, според „Гардијан“, независните анкети на јавното мислење покажуваат дека голем број Руси се скептични во врска со вакцините од руско производство. Критичарите генерално ја обвинуваат лошата организација на програмите за вакцинација за ниската стапка на вакцинација и тврдат дека властите испраќаат „мешани“ пораки за пандемијата.
