Политички приоритет на новиот буџет се дигитализацијата и животната средина
Европската комисија денеска го презентираше предлог-буџетот на ЕУ за 2022 година, од кој 1,9 милијарда евра треба да се посветат на земјите кандидати за членство, јави МИА од Брисел.
Предлог-буџетот на ЕУ за 2022 година изнесува вкупно 167,8 милијарди евра, и дополнителни 143,5 милијарди во грантови кои произлегуваат од програмата за закрепнување „Идна генерација ЕУ“.
Европската комисија се надева дека со овој предлог ќе придонесе за значаен раст на инвестициите и на економијата, како и за создавање нови работни места ширум Унијата.
Политичкиот приоритет на новиот буџет се дигитализацијата и животната средина.
Што се однесува до ставката проширување, Европската комисија предлага 1,9 милијарди евра за земјите кандидати и потенцијални кандидати преку Претпристапниот инструмент, ИПА 3.
Еврокомесарот задолжен за буџетот на ЕУ, Јоханес Хан, изјави дека овој предлог треба да го поддржи економското закрепнување на ЕУ.
„Ќе им помогнеме на луѓето, компаниите и регионите кои беа најпогодени од пандемијата. Ќе инвестираме во отпорноста на Европа и нејзината модернизација преку зелената и дигиталната транзиција“,
рече Хан.
Најголем дел од парите се предвидени за земјоделската политика, во износ од 53 милијарди.
Предлог-буџетот за 2022 е дел од целокупниот седумгодишен буџет на Унијата, усвоен на крајот на минатата година, по макотрпни преговори помеѓу земјите членки и Европскиот парламент.