Двајца членови на семејството на заразената лекарка од Клиниката за кожни болести, 64 вработени на клиниката, 11 пациенти што биле хоспитализирани таму, 13 што доаѓале во дневната болница, како и стотина учесници на семинарот што викендов се одржал во Скопје се ставени во 14-дневна домашна изолација бидејќи биле во контакт со лекарката, соопшти попладнево министерот за здравство Венко Филипче на прес-конференцијата во Владата.
Сите се со различен степен на ризик, согласно интензитетот на контактите со докторката, но, како што рече Филипче, мерките се за да се избегне макар и најмала можност од натамошно ширење на вирусот.
Сите присутни на семинарот се исконтактирани, некои се и интервјуирани и ќе бидат во 14-дневна домашна изолација. Меѓу нив имало и тројца од Грција, за што Филипче рече дека лично го известил грчкиот министер за здравство за нивниот идентитет.
Салата када што се одржувал семинарот е исчистена и дезинфицирана, а истото ќе биде направено денеска и утре на Клиниката каде што докторката одела на работа иако била заболена од вирусот.
„И покрај тоа што антиципиравме ризици многу пред време и пред соседните земји и презедовме мерки, ова со што се соочивме денеска е нешто што многу не разочара“,
рече Филипче.
Тој најави дека директорката ќе биде разрешена од функцијата веднаш по изборите бидејќи во периодот пред изборите нема законска можност за тоа.
На новинарско прашање дали ќе се бара и кривична одговорност од неа, Филипче рече дека кога ќе може таа ќе биде разрешена, а ги повика другите институции да преземат сè што е потребно.
Филипче најави дека најверојатно и штипското одделение за кожни болести ќе биде затворено, со оглед на тоа што сите доктори присуствувале на настанот во саботата.
„Со дерматовенеролозите од болницата ‘8 Септември’ што не биле присутни таму разговаравме да се направи систем на ротација или посебен систем на закажување во ‘Мој термин’ токму во таа болница за пациентите да не останат без тие прегледи. Добро е што во најголем број случаи практично станува збор за патологија која може одложно да се третира“, рече Филипче.
Поврзани вести
Цела кожна клиника оди под клуч, пациентите пуштени дома
(ГАЛЕРИЈА) На интерните и на кожната клиника во Скопје навидум редовна состојба
Неколку лекарки од Штип во домашна изолација зашто биле во контакт со заразената директорка