Според најновите податоци на УНИЦЕФ, бројот на случаи на неухранетост речиси се дуплирал помеѓу јуни и јули – од 6 344 на 11 877. Околу 2 500 од тие деца се сериозно неухранети. Шефот на СЗО повика на доставување поголема хуманитарна помош во Газа преку сите можни правци

Околу 12 000 деца од Газа помали од пет години страдаат од акутна неухранетост, а бројот на смртни случаи поврзани со глад се зголемува, изјави шефот на Светската здравствена организација (СЗО), Тедрос Аданом Гебрејсус.
„Најмалку 12 000 деца под петгодишна возраст се дијагностицирани со акутна неухранетост во Газа, што претставува највисока месечна бројка забележана досега“,
изјави тој во седиштето на неговата организација во Женева.
Најмалку 99 лица починале во периодот од почетокот на годината до крајот на јули, вклучувајќи 64 возрасни и 35 деца, од кои 29 биле под петгодишна возраст.
Според најновите податоци на УНИЦЕФ, бројот на случаи на неухранетост речиси се дуплирал помеѓу јуни и јули – од 6 344 на 11 877. Околу 2 500 од тие деца се сериозно неухранети.
Шефот на СЗО повика на доставување поголема хуманитарна помош преку сите можни правци. Организацијата соопшти дека поддржува четири центри за неухранетост во Газа, но дека залихите на формула за бебиња и храна со висока хранлива вредност се многу мали.
„Вкупниот обем на залихи од храна останува жално несоодветен за да би можело да се спречи понатамошно влошување. Пазарот треба да се преплави. Потребна е разновидна храна“,
изјави Рик Пиперкорн, претставник на СЗО за окупираните палестински територии.
Организацијата што го следи гладот во светот вели дека гладот постои во Појасот Газа, се шири, предизвикува смртни случаи кај деца поврзани со глад и дека пристапот до хуманитарна помош до енклавата е сериозно ограничен.
Канцеларијата на ОН за координација на хуманитарни прашања соопшти дека потрошувачката на храна низ Газа паднала на најниско ниво од почетокот на војната. Осумдесет и еден процент од домаќинствата на малата, густо населена територија од 2,2 милиони луѓе пријавиле недоволно ниво на потрошувачка на храна во споредба со 33 проценти во април.