Според податоците на Агенцијата за управување со катастрофи и вонредни состојби (АФАД), над 34 810 луѓе се повредени при уривањето на илјадниците згради во регионот
Бројот на жртвите од земјотресите во Сирија и Турција продолжува да расте и според турската „ТРТ ворлд“ сега изнесува близу 10 000.
„Бројот на загинати од двете земји се искачи на близу 10 000 и се очекува дополнително да се зголеми во наредните денови“,
наведува „ТРТ ворлд“.
Според податоците на Агенцијата за управување со катастрофи и вонредни состојби (АФАД), над 34 810 луѓе се повредени при уривањето на илјадниците згради во регионот.
Управата за вонредни ситуации денеска соопшти дека по разорниот земјотрес во понеделникот, во Турција се регистрирани 648 последователни потреси.
Тимови за пребарување од речиси 30 земји се пристигнати во Турција и се вклучени во давањето помош на тамошните екипи.
Агенцијата Анадолија денеска пренесе дека во спасувачките операции се ангажирани повеќе од 79 000 лица, а во погодените области се испратени 5 402 тешки возила, главно багери, шлепери, дигалки, булдожери, камиони и приколки. Воспоставен е и воздушен мост за транспорт на персонал и материјали од Истанбул, Анкара и Измир до регионот погоден од земјотресот.
Екстремните зимски временски услови влијаат на спасувачките напори. Вработените во итната помош поминаа уште една студена ноќ за да ги спасат луѓето заробени под урнатините на илјадниците згради.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган прогласи тримесечна вонредна состојба во Турција во 10-те најпогодени провинции, а трае и седумдневната жалост.