На вчерашната презентација на ребалансот на Буџетот, како што соопшти министерот Фатмир Бесими, променети се проекциите за економски раст, па сега очекувањата се дека растот на БДП во текот на 2022 година ќе биде 3,2 процентни поени што е 1,4 процентни поени помалку од проекциите кои беа правени кога се носеше буџетот
По вчерашната презентација на ребалансот на Буџетот, опозициската ВМРО-ДПМНЕ и денеска ја критикува власта дека тој нема развојна компонента туку е расипнички и ќе ја продлабочи економската криза.
Она што се противат од опозицијата е кратењето на пари за капитални инвестиции, а трошењето на, според нив, непродуктивни трошоци.
„Кратењата на средства за капитални инвестиции се еден од показателите дека и со овој ребаланс буџетот нема да има никаква развојна компонента. Очигледно дека остануваат нечепнати уште стотици милиони евра непродуктивни трошења, на сметка на кратењата на капиталните инвестиции, изградби на патишта, болници, и други проекти кои се двигател во секоја економија. Заради лошите досегашни економски политики оваа власт на СДСМ и ДУИ ја доведе Македонија да биде задолжена над 7 милијарди евра со тенденција тој долг уште да расте, да биде земја со најнизок раст на БДП во регионот, да биде меѓу земјите со највисока стапка на инфлација“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Со ребалансот, велат од партијата, ситуацијата се влошува.
Од владејачкиот СДСМ, пак, тврдат дека се обезбедуваат поголеми плати и пензии и се заштедуваат на 200 милиони евра.
„Со ребалансот на Буџетот Владата предводена од СДСМ обезбедува заштеда на 200 милиони евра непродуктивни трошоци, обезбедува средства за производство на храна за наредната година, поголеми плати и пензии, поддршка за граѓаните и компаниите и заштита на стандардот со нови мерки. СДСМ и Владата којашто ја предводи со брзи и добро смислени мерки успешно менаџираат со последиците од најголемата економска и енергетска криза по Втората светска војна во Европа“,
велат од СДСМ.
Од партијата потсетуваат дека благодарение на економските политики просечната плата се искачила над 500 евра во време на криза, а минималната плата се зголемила на 18 000 денари, како и дека платите во образованието се зголемуваат за 15 отсто и оти следува раст на пензиите.
На вчерашната презентација на ребалансот на Буџетот, како што соопшти министерот Фатмир Бесими, променети се проекциите за економски раст, па сега очекувањата се дека растот на БДП во текот на 2022 година ќе биде 3,2 процентни поени што е 1,4 процентни поени помалку од проекциите кои беа правени кога се носеше буџетот. Исто така, предвидено е и зголемување на дефицитот кој е планиран на ниво од 42,7 милијарди денари односно 5,3 отсто од БДП, а тоа е за 9,1 милијарда денари (околу 150 милиони евра) повеќе во однос на првичниот буџет.