Според опозицијата, премиерот во говорот одново ги повторуваше истите празни флоскули, во очаен обид мислејќи дека една лага, повторена доволно пати, ќе може да се претвори во вистина
Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ) вечерва го оцени излагањето на премиерот Христијан Мицкоски по повод една година Влада како уште една потврда дека тој е изгубен во сопствените лаги од една страна и реалноста на суровата вистина од друга страна.

„Дали човекот навистина верува во тоа што го зборува или пак, знае дека текстот што го читаше е само празно слово на хартија и нема врска со реалноста и нема врска со тешкиот живот на граѓаните. Кој е одговорот на граѓаните сметаме дека многу добро знаат“,
се веели во реакцијата од СДСМ.
Според опозицијата, Мицкоски во говорот одново ги повторуваше истите празни флоскули, во очаен обид мислејќи дека една лага, повторена доволно пати, ќе може да се претвори во вистина.
„Не може да биде точно, ниту реално, тврдењето дека Македонија е четврта најсилна економија во Европа. Вистината е сосема спротивна. Македонија не сака со лаги, ПР-спотови и долгови. Вистински патриотизам е да се работи за реално подобрување на животот на граѓаните, за повисоки плати, економски напредок и стабилност“,
пишува во партиското соопштение.
За оваа една година, според СДСМ, Мицкоски ја направи Македонија понижена, осиромашена и украдеена.
„Со оваа власт, Македонија ја чекаат потешки времиња. Реалноста е дека најлошото допрва доаѓа“,
велат од опозицијата.
Во денешното обраќање пред платото на Владата, под слоганот „Доаѓа времето на Македонија! Ги градиме темелите на промените“, премиерот Христијан Мицкоски ја оцени изминатата година како тешка, но успешна. Сепак, додаде и дека најдоброто што треба да го испорача овој владин состав допрва доаѓа.
Премиерот во говорот директно не го спомна процесот на евроинтеграции на земјата во изминатата една година влада. Но, им се обрати на оние што велат дека Македонија била понижена и посочи дека тоа се истите што го сменија името, направија договор со Бугарија, што пљачкаа и се потпишуваа на сè што им било поставено на маса