Иако во изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ, но и во програмата за работа на Владата, беа ветени по 250 милиони евра годишно за општински проекти, односно една милијарда евра во четиригодишен мандат, вкупната реализација до крајот на годинава би достигнала едвај 80 милиони евра

Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, во интервју за „360 степени“ на МРТ 1, вели дека реализацијата на капиталните проекти во општините, кои се поддржани со средства од унгарскиот кредит, се движи со побавно темпо од првично најавеното поради неколку причини.
Досега се реализирани околу 40 милиони евра, иако првичните најави беа за значително поголема динамика на вложувања.
„Најточно, во 2025 година се потрошени 2 милијарди 624 милиони денари, 21 милион денари претходната 2024 г., значи некаде околу 2 милијарди 645 милиони денари. Тоа се некаде околу 40 милиони евра. Нешто над 40“,
кажа министерката за финансии.
Иако во изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ, но и во програмата за работа на Владата, беа ветени по 250 милиони евра годишно за општински проекти, односно една милијарда евра во четиригодишен мандат, вкупната реализација до крајот на годинава би достигнала едвај околу 80 милиони евра, со оглед на тоа што во буџетот за 2026 за оваа намена се предвидени околу 40 милиони евра.
На прашањето зошто се случува толку големо потфрлање, министерката како клучен фактор го посочи ограничениот капацитет за изведба на капитални проекти.
„Тоа е капацитетот и на јавниот и приватниот сектор кога станува збор за реализација на капитални расходи, односно кога зборуваме за приватниот сектор, мислам нели на она што може да го сработи за државата. Не зборувам приватен меѓу себе, туку за државата. А во однос на тоа зошто толку слабо или какви биле очекувањата, тоа треба да се постави прашање можеби кај градоначалниците, кај ресорните министри таму каде што имало поголеми очекувања. Верувајте дека и моето мислење беше дека ќе можат да реализираат малку повеќе од ова, но за жал се потврдува она што го кажавме, дека недостигот на работна сила во градежништвото, пред сè во градежништвото сметам дека е проблем и ги дава овие резултати“,
одговори министерката за финансии.
И покрај бавното темпо кај општините, министерката тврди дека во моментов се бележат историски резултати во делот на капиталните расходи и големите инфраструктурни проекти. Таа упати критика кон претходната власт за неефикасност во реализацијата на веќе потпишаните договори, како оној со „Бехтел и Енка“.
„Па што не го сработија? Зошто не постигнаа резултати како што постигнуваме ние денес“,
рече Димитриеска-Кочоска.
На забелешката дека ваквите пречки требало да се земат предвид уште при проектирањето на средствата, министерката се согласи:
„Ако се сеќавате, повикот беше таков – оние зрели, готови проекти коишто ќе можат да се имплементираат. Но, праксата еве сега покажува дека не е секогаш баш така како што очекуваме“.
Во интервјуто беше отворено и прашањето за распределбата на средствата од унгарскиот кредит. Дел од нив (500 милиони евра) беа искористени за отплата на надворешен долг, дел за кредитирање на приватниот сектор (250 милиони евра), а 250 милиони евра беа најавени за општините. На прашањето каде се средствата што сè уште не се реализирани, министерката одговори:
„Тие беа секако за буџетска поддршка. Парите за овие проекти се обезбедени и тие се во рамки на буџетот и тоа не е апсолутно спорно“,
рече таа.
