„Во конкретниот случај воопшто не е ниту споменат фактот за огромниот долг на ЈСП кон нашата компанија што надминува и над 10 милиони евра по фактури стари и над две години, што претставува значаен елемент и заслужува внимание при известувањето на оваа тема“, се вели во реакцијата од компанијата за обвинувањата од Град Скопје дека е прекинато снабдувањето со нафта за автобусите на ЈСП
Од „Пуцко петрол“ денеска испратија реакција во која бараат јавно извинување од медиумите за објавеното соопштение од Град Скопје во кое се обвинува дека компанијата ја прекинала испораката на нафта за автобусите на ЈСП „Скопје“ и дека нејзиниот сопственик Асмир Јахоски е под „силен политички притисок“ и се приклучува во обидите за креирање хаос во Скопје.
Од „Пуцко петрол“ посочуваат и дека во случајот воопшто не е споменат фактот за огромниот долг што ЈСП „Скопје“ го има кон нивната компанија, а кој надминува 10 милиони евра по фактури стари и над две години.

„Со вашиот објавен текст за компанијата ‘Пуцко петрол‘ на датум 22.9.2025 година изразуваме загриженост и разочараност, со кој се нарушува угледот, реномето и деловниот интегритет на нашата компанија. Нецелосната и тенденциозна содржина во текстот води кон погрешно информирање на јавноста, што предизвика директна штета врз нашата репутација и деловни односи“,
се вели во реакцијата испратена до медиумите.
Во таа насока, од компанијата бараат јавно извинување од медиумите оти објавените информации не ја отсликуваат реалната состојба и можат да доведат до погрешна перцепција за компанијата.
„Потребно е секогаш да се обезбедат точни и вистините информации. Во конкретниот случај воопшто не е ниту споменат фактот за огромниот долг на ЈСП кон нашата компанија што надминува и над 10 милиони евра по фактури стари и над две години, што претставува значаен елемент и заслужува внимание при известувањето на оваа тема“,
пишуваат од „Пуцко петрол“.
Според компанија, секоја институција што ги подмирува навремено своите обврски, без исклучок добива гориво согласно договорените услови.
„Нашето работење е транспарентно, законски усогласено и ориентирано кон стабилност и доверба во деловните односи. Со оглед на тоа, бараме јавно известување за нанесената штета и углед и повлекување на спорниот текст, во согласност со етичките стандарди на новинарството. Во спротивно, ќе бидеме принудени да ги преземеме сите правни мерки за заштита на нашите права и интереси“,
велат од оваа компанија.
„360 степени“ денеска ја пренесе реакцијата од Град Скопје, во која се вели дека испораката на нафта за ЈСП „Скопје“ е прекината и покрај тоа што постои активен договор што претпријатието го има со „Пуцко петрол“.
Оттаму обвинуваат дека сопственикот на „Пуцко петрол“, Асмир Јахоски, е под „силен политички притисок“ и дека се приклучува во обидите за креирање хаос во Скопје.
„Иако има активен договор со ЈСП за испорака на нафта, Асмир Јахоски од ’Пуцко петрол’, соочен со обвиненија за затворска казна и подложен на уцени, иако има активен договор за испорака на нафта, ја прекина доставата“,
велат од Град Скопје.
Според Град Скопје, ова не е првпат „Пуцко петрол“ да ја прекине испораката, што се случило и пред новогодишните празници. Со тоа, тврдат од Градот, граѓаните се оставени да чекаат на студ или на жега, само за да се задоволат „суетните лидери од кои очекуваат спас од сургун за своите недела уценетите црнолисташи“.
Во соопштението се наведува дека ВМРО-ДПМНЕ, преку својот Управен одбор во ЈСП „Скопје“, и Христијан Мицкоски заедно со Јахоски, сакаат да ја дефокусираат јавноста од штетата која, според нив, е нанесена на претпријатието и на градот во изминатите четири години.