Бугарската блокада на усвојувањето на Заклучоците на министрите за проширување на земјите на Западен Балкан ќе влијае на евроинтеграциите и на Србија, смета српската министерка за евроинтеграции, Јадранка Јоксимовиќ.
Во писмената изјава за Танјуг, како што пренесува МИА, таа оценува дека „по блокадата на Заклучоците за проширување, треба што е можно побрзо да се обликува примената на новата методологија на пристапот и процесот на Србија, со која се доцни, бидејќи земјите-членки и ЕК очевидно не можат да се договорат за преговорачката рамка за Северна Македонија и Албанија“.
Таа посочи дека за Србија беше важен сигналот до крајот на годината да се одржи посебна политичка Меѓувладина конференција, што е задолжително според принципите на новата методологија по објавувањето на Заклучоците за проширување.
И експерти од Србија сметаат дека се покажало лошо тоа што билатералните спорови влегле во политиката на проширување на ЕУ, со тоа што една земја членка (Бугарија) може да блокира земја кандидат да започне процес на преговори (Северна Македонија), но со тоа да ги блокира и сите други.
„Излезе дека сите ние сме заложници на Бугарија, која ја блокираше Северна Македонија и дека за проширувањето нема да се разговара“,
вели Сузана Грубјешиќ од Центарот за надворешна политика, која заклучува дека се работи за преседан.
Грубјешиќ прашува, зошто е блокирана Северна Македонија, која направи сé за да започне преговори. Како што наведе таа, многу години се зборува дека процесот на донесување одлуки мора да се промени, дека понекогаш консензусот е невозможна мисија и дека треба да се премине на квалификувано двотретинско мнозинство за донесување одлуки.
„Кога ќе видите дека Германија, најмоќната земја на ЕУ, нема можност да реши некои клучни прашања во ЕУ за време на претседателство, сето тоа говори дека во наредниот период многу поголемо внимание ќе се посвети на внатрешната организација и реформите, отколку на Западен Балкан и на Србија“,
оцени Грубјешиќ.