„Флагелум“ – Здружението за едукација, еднакви можности, лобирање и застапување на лицата со посебни потреби од Скопје, во јули 2022 започна со имплементација на проект „Трансформираме и учествуваме“, кој е финансиран од Европска унија во рамки на Платформата за инвестиции во заедницата. Проектот се спроведува од Фондацијата за образование и развој Албиз, во партнерство со CSCD – Центар за одржлив развој на заедницата, Центар за истражување и анализи НОВУС и здружение Мултикултура.
Здружението Флагелум е посветено на развој на социјалното претприемништво кое игра важна улога во социјалните, економските и еколошките предизвици, а истовремено обезбедува и инклузивен раст за заеднички просперитет и социјална инклузија.




Општата цел на проектот е да се поттикне акција за унапредување на социјалното претприемништво, со што би се постигнало подигнување на животниот стандард и зголемување на еднаквоста на ранливите групи, со посебен фокус врз жените. Целна група се млади работоспособни жени од ранливи категории, кои живеат на територија на Град Скопје и се пријавени во АВРМ како активни баратели на работа. Проектот се реализира на локално ниво и вклучува професионални обуки за професионална шминка, депилација и козметичар и истите се реализираа во Тренинг центар за убавина „Лагуна”, од страна на сертифицирани едукатори со долгогодишно искуство. Во организираните обуки, беа вклучени 8 учеснички каде ги подобрија своите вештини и стручни компетенции, во овие области.
По завршување на обуката кандидатките имаа можност за посета на пракса со цел дообучување и се здобија со сертификат кој е верифициран од страна на Министерство за образование и наука.
Вклучувањето на ранливи категории во ваков вид на активности придонесува за негување на нивниот професионален развој, поголемо економско учество во општеството и оспособување за самостоен живот, како и зголемување на инклузивноста на пазарот на трудот која е многу важна за да се воспостави рамнотежа меѓу конкурентноста и инклузивноста.
Проектот ќе се реализира до месец март 2023, каде како завршни активности се посредување и препораки за инклудирање во пазарот на трудот на целната група, со што очекуваме развој на социјална инклузија и развој на социјалното претприемништво.
