Одлуката на премиерот Џафери доаѓа два дена откако кадровската комисија на Алијанса за Албанците соопшти дека ќе бара од претседателот на Владата да ги разреши двајцата министри од редовите на партијата, кои во раздорот меѓу актуелниот и поранешниот претседател партијата застанаа зад Таравари. Вчера од Алијанса беше испратено и соопштение во кое за нови министри за информатичко општество и администрација и за здравство ги предлагаат Наим Бајрами и Илир Демири
Премиерот на техничката влада Талат Џафери му предложи на Собранието да ги разреши министрите за информатичко општество и администрација и за здравство, Азир Алиу и Фатмир Меџити, и на нивно место да ги избере кадрите кои вчера ги предложи Алијанса за Албанците, по расколот помеѓу актуелниот и поранешниот шеф на партијата.
Од Владата попладнево преку соопштение информираа дека Џафери доставил допис до претседателот на Собранието, Јован Митрески, со кој предлага Меџити и Алиу да бидат разрешени на првата наредна седница.
„Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Талат Џафери, достави допис до претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Јован Митрески, во којшто, согласно член 94, став 2 од Уставот на Република Северна Македонија, предлага Собранието, на првата наредна седница, да ги разреши: Фатмир Меџити, од функцијата министер за здравство и Азир Алиу, од функцијата министер за информатичко општество и администрација“,
се вели во соопштението од владината прес-служба.
Премиерот, како што налагаат процедурите, доставил и допис, повикувајќи се на истиот член од Уставот, Собранието да ги избере Илир Демири за министер кој ќе раководи со Министерството за здравство и Наим Бајрами за министер за информатичко општество и администрација.
Од Собранието информираат дека материјалот од Владата е примен, а за предлогот за разрешување на двајцата министри ќе се расправа на седница која ќе биде закажана за утре.
„Материјалот од Влада е примен, службите го разгледуваат и ќе биде доставен до до сите пратеници. За предлогот за разрешување на министерот за здравство и на министерот за информатичко општество и администрација ќе се расправа на првата наредна седница на Собранието, односно утре, петок 9.02.2024“,
информираат од собраниската прес-служба.
Одлуката на премиерот Џафери доаѓа два дена откако мнозинството на кадровската комисија на Алијанса за Албанците соопшти дека ќе бара од претседателот на Владата да ги разреши двајцата министри од редовите на партијата, кои во раздорот меѓу актуелниот и поранешниот претседател на партијата, застанаа зад Таравари.
Вчера од Алијанса беше испратено и соопштение за кандидатите кои се предлагаат на местото на Алиу и Меџити. Станува збор за истите имиња кои премиерот Џафери денеска му ги предложи на Собранието за избор.
Одлуката со која се бара разрешување на Меџити и Алиу, како што соопштија од Алијанса, е поради тоа што двајцата министри спровеле дејствија спротивни на етичкиот кодекс, уценувале и вршеле притисок врз членовите на Алијанса и врз вработените. Во делот на причините поради кои е донесена ваквата одлука се наведува и „јавно кокетирање со ВМРО-ДПМНЕ посетувајќи го нејзиниот министер“.
Имено, еден од министрите на Алијанса за Албанците, за кој се бара разрешување, Азир Алиу, на својот фејсбук-профил објави фотографии од средбата која на 5 февруари ја остварил со министерот за внатрешни работи од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Панче Тошковски.
Министрите за информатичко општество и за здравство, Азир Алиу и Фатмир Меџити, за кои се бара разрешување, застанаа зад партискиот лидер Арбен Таравари кој викендов преку објава на Фејсбук го повика Централното претседателство на Алијанса да поддржи заеднички настап на партија со опозициските партии на Албанците.
Третиот министер од редовите на Алијанса за Албанците, кој раководи со ресорот Правда, Кренар Лога, пак, е на иста линија со поранешниот лидер на Алијанса и актуелниот претседател на Централното собрание на партијата Зијадин Села, кој смета дека партијата треба да настапи самостојно на претстојните избори.
Во актуелниот парламентарен состав на Собранието, Алијанса за Албанците има осум пратеника. Еден од осумтемина, Халил Снопче, викендов ја сподели фејсбук-објавата на Таравари во која тој повика на заеднички изборен настап на Алијанса со опозиционерите од албанскиот блок. На фејсбук-профилите на преостанатите седуммина пратеници главно се забележуваат споделени објави од официјалната страница на партијата.
Лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски, одговарајќи на новинарско прашање во врска со евентуално разрешување на министрите на АА денеска изјави дека пратеничката група на СДСМ ќе гласа во согласност со предлогот што ќе дојде од страна на Владата и секако врз основа на ставот што го имаат и пратениците на Алијанса за Албанците.
„За односите во Алијанса ќе прашате таму, јас не можам да одговорам во име на друга партија. Ако доставиле предлог до претседателот на Владата, тогаш ќе го прашате него каков предлог добил. За тоа како ќе гласа пратеничката група на СДСМ, таа ќе гласа во согласност со предлогот што ќе дојде од страна на Владата и секако врз основа на ставот што го имаат и пратениците на Алијанса“,
рече Ковачевски.
Прашан кој предлог за него е легитимен, оној на Арбен Таравари или тој на Зијадин Села, Ковачевски рече дека неговата комуникација досега била со актуелниот лидер на Алијанса за Албанците.
„Со Таравари сум комуницирал досега. Со него беше комуникацијата и кога се правеше Владата што ја предводев. Тоа беше мојата комуникација. И пред два дена имав комуникација со Таравари и пред тоа имавме состанок во седиштето на СДСМ. Мојата комуникација е секогаш официјална, немам неофицијални разговори“,
додаде Ковачевски.
Инаку, за в сабота претседателот на Централното собрание на Алијанса за Албанците, Зијадин Села, закажа седница на ова партиско тело на кое најави дека ќе се бара одговорност од партискиот лидер Арбен Таравари. Денеска попладне, пак, во Куманово треба да се одржи состанок на Таравари со делегатите на Централното собрание.