Хрватска ќе добие нов министер за здравство откако премиерот Андреј Пленковиќ го разреши досегашниот министер Милан Кујунџиќ поради афера со недвижности.
Според пишувањето на весникот „Јутарњи лист“, нов хрватски министер за здравство веројатно ќе биде Вили Берош откако одборот за здравство на владејачката ХДЗ едногласно го прифати предлогот Пленковиќ.
Хрватскиот премиер претходно денеска одлучи да го разреши Кујунџиќ од функцијата поради аферата која се појави врз основа на несразмерност во анкетниот лист и вистинската имотна состојба на сега веќе разрешениот функционер.
Кујунџиќ, пак, тврдеше дека некои интересни групи наводно водат кампања против него. Тој сам не поднесе оставка, но изјави дека му го става мандатот на располагање на премиерот и дека тој треба да одлучи дали ќе го смени.