Метеоролозите предупредија дека се очекуваат уште дождови. Со оглед на тоа што земјата е веќе заситена, ризикот од понатамошни лизгања на земјиштето се зголемува
Силни бури предизвикаа хаос низ Мексико, при што најмалку 47 лица загинаа, а 38 се водат како исчезнати во поплавите и лизгањата на земјиштето предизвикани од обилните дождови, соопштија вчера тамошните власти.

Околу 260 градови, особено во планинските региони, се отсечени од надворешниот свет. Десетици илјади домови се исполнети со урнатини и кал. Мексиканската претседателка Клаудија Шајнбаум се соочи со протести од локалното население за време на посетата на поплавениот град Поза Рика во источната држава Веракруз.
Засегнатите жители бараат побрза помош од властите.
„Знаеме дека луѓето се очајни и загрижени. Ќе се погрижиме за сè“,
порача претседателката преку видеопорака.
Многу патишта и мостови се оштетени од силните поплави на реките, а паднатите дрвја и лизгањата на земјиштето блокираат бројни патишта. Десетици илјади луѓе останаа без електрична енергија поради паднати далноводи.

Метеоролозите предупредија дека се очекуваат уште дождови. Со оглед на тоа што земјата е веќе заситена, ризикот од понатамошни лизгања на земјиштето се зголемува. Најпогодени се областите во источните и централните држави Веракруз, Идалго, Пуебла, Керетаро и Сан Луис Потоси. Десетици илјади домови, клиники, училишта, патишта и мостови се оштетени.
Најголем број смртни случаи досега се регистрирани во Веракруз и Идалго, додека смртни случаи се потврдени и во Пуебла и Керетаро. Сан Луис Потоси претрпе големи штети, но нема жртви. Мексико е на крајот од својата годишна сезона на дождови која трае околу шест месеци и обично завршува на почетокот на ноември.
Обилните дождови во последните денови се делумно резултат на тропските циклони Присила и Рејмонд во Пацификот, како и на временските услови во Мексиканскиот Залив. Во Пуебла, бенгалски тигар избегал од зоолошка градина во близина на општината Ксикотепек за време на поплавите. Тигарот подоцна беше потврден како мртов, заробен под остатоците што ги носеле поплавните води, соопшти агенцијата за заштита на животната средина Профепа.