„Ќе имаме одличен разговор. Јас ќе кажам: ‘Тоа е добро, мислам дека сме блиску до тоа’, а потоа тој ќе сруши зграда во Киев“, вели американскиот претседател опишувајќи ги досегашните разговори со рускиот претседател и последователните потези на шефот на Кремљ поради кои е разочаран
Прашан за НАТО, американскиот претседател во интервјуто за британскиот национален сервис вели дека Алијансата е променета и си ги плаќа сопствените сметки, како и дека верува во колективната одбрана бидејќи на тој начин помалите земји можат да се одбранат од поголемите
Американскиот претседател Доналд Трамп во телефонско интервју за Би-би-си вели дека разочаран од својот руски колега Владимир Путин, но додава оти сè уште не завршил со него.

Прашан дали му верува на рускиот претседател, Трамп категорично вели: „Не верувам речиси никому“.
Телефонското интервју претседателот на Соединетите Американски Држави (САД) за британскиот национален сервис доаѓа неколку часа откако тој ги објави плановите за испраќање оружје во Украина и ја предупреди Москва дека ќе ѝ воведе строги царини доколку не се согласи на договор за прекин на огнот во Украина во рок од 50 дена.
И покрај неговите чести забелешки упатени кон НАТО за време на претседателската кампања, но и потоа, Трамп, говорејќи од Овалната соба, вели дека ја поддржува Алијансата и принципот на колективна одбрана на организацијата.
Инаку, како што појаснува Би-би-си, Трамп го направил 20-минутниот телефонски разговор, откако претходно било разговарано за евентуално интервју по повод една година од обидот за негов атентат на предизборниот митинг во градот Батлер во сојузната држава Пенсилванија, што се случи на 13 јули лани за време на претседателската кампања.
На прашањето дали тоа што го преживеал атентатот го променило, Трамп вели дека сака што е можно помалку да размислува за настанот.
„Не сакам да размислувам дали тоа ме променило. Размислувањето за тоа може да му го промени животот“,
вели американскиот претседател.
Направено кратко по неговата средба со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, во Белата куќа, Трамп во најголем дел од интервјуто зборува за својата разочараност од рускиот претседател.
Во тој контекст, американскиот претседател наведува дека досега четири пати сметал дека на повидок е договор со Русија за запирање на конфликтот во Украина.
„Разочаран сум од него, но не сум завршил со него. Но, разочаран сум од него“,
вели тој одговарајќи на прашањето дали завршил со рускиот претседател Путин.
Прашан како планира да го натера Путин да го запре крвопролевањето, американскиот претседател рече: „Работиме на тоа“.
Трамп ги опиша досегашните разговори со рускиот претседател и последователните потези на шефот на Кремљ поради кои е разочаран.
„Ќе имаме одличен разговор. Јас ќе кажам: ‘Тоа е добро, мислам дека сме блиску до тоа’, а потоа тој ќе сруши зграда во Киев“,
вели тој.
Разговорот потоа се префрла на темата НАТО, организацијата што Трамп претходно ја критикуваше.
На прашањето дали сè уште е на истиот став, американскиот претседател дава одречен одговор, велејќи оти смета дека „НАТО сега станува спротивност на тоа“ бидејќи, како што додаде, Алијансата „си ги плаќа сопствените сметки“.
Тој кажа дека сè уште верува во колективна одбрана, бидејќи, како што појасни, тоа значи дека помалите земји можат да се одбранат од поголемите.

Трамп рече дека лидерите на земји како Германија, Франција и Шпаниј почнале да го почитуваат него и неговото донесување одлуки, делумно затоа што светските лидери веруваат дека има „многу талент“ во тоа што двапати е избран за претседател.
Прашан, во тој контекст, дали смета дека светските лидери понекогаш биле „очигледни во нивното ласкање, Трамп вели оти смета дека тие само се обидувале да бидат љубезни.
Претседателот на САД беше прашан и за иднината на Велика Британија во светот на што тој рече оти смета дека Британија е одлично место, потсетувајќи дека поседува имот таму.
За британскиот премиер Кир Стармер, тој рече дека навистина многу му се допаѓа, „иако е либерал“, фалејќи го во таа насока трговскиот договор што постигнаа Велика Британија и САД, а рече и оти се радува на неговата втора државна посета на Велика Британија во септември годинава, за која кажа дека е без преседан.
Прашан за тоа што очекува да постигне за време на посета Трамп одговори:
„Сакам да се забавувам и да му оддадам почит на кралот Чарлс бидејќи тој е одличен господин“,
вели американскиот претседател во интервјуто за Би-би-си.