„За жал, немаме можност за реална дебата и се користат двојни или тројни аршини во однос на одредени исти и слични прашања и затоа од денеска ние ќе имаме наши ставови бидејќи ќе дејствуваме како фракција во рамки на ДУИ, изјави попладнево актуелниот организациски секретар во ДУИ, Блерим Беџети, откако по четири часа заседавање го напуштија состанокот на Централното претседателство на партијата
Четири часа по почетокот на седницата на Централното претседателство на ДУИ, дел од членовите кои се познати како „огнена група“ го напуштија состанокот и најавија дека ќе функционираат како фракција во партијата. Ова пред новинарите го најави актуелниот организациски секретар во ДУИ, Блерим Беџети.
„Денеска преку вас дозволете да ја информираме јавноста дека разликите се големи и од организациски аспект внатре во ДУИ, но и дебатата за програмската определба врз основа на што ја добивме и довербата од граѓаните. За жал, немаме можност за реална дебата и се користат двојни или тројни аршини во однос на одредени исти и слични прашања и затоа од денеска ние ќе имаме наши ставови бидејќи ќе дејствуваме како фракција во рамки на ДУИ“,
рече Беџети.
Тие сметаат дека актуелните министри во Владата од ДУИ ја узурпирале партијата со своите одлуки.
„Бидејќи имаме разлики, имаме одредени различни мислења за одредени ставови, ќе имаме наше политичко дејствување оти сметаме дека министрите ја узурпираа партијата со своите одлуки. Тоа што е надлежност на партијата преминува во надлежност на членовите на Владата и тука, да се разбереме, не се само кадровските прашања, тие се релевантни и значајни, зборуваме за програмските определби на ДУИ“,
додаде тој.
На новинарските прашања дали и натаму ќе бидат дел од органите на партијата, рече дека се избрани од друг партиски орган и дека не се разрешени.