Иднината не е во поделби, туку во обединување. Ценам дека треба да се развиваме во оваа насока, порача Мицкоски.
По многу дебати и барања, има тројца-четворица академици, но нема ниту еден вработен (Албанец) во МАНУ, ни кафе кувар нема, вели Меџити.
Во рамки на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) има научници од различна етничка припадност и треба да се фокусираме таму да ја збогатуваме со научна мисла, порача премиерот Христијан Мицкоски. На новинарско прашање за став во врска со најавите на коалицијата „Вреди“ да се формира посебна „Албанска академија на науките и уметностите“ и несогласувањата во владината коалиција на оваа тема, Мицкоски посочи дека неговиот став е на иста линија со партискиот на ВМРО-ДПМНЕ, од каде што вчера оценија дека МАНУ е единствената институција која ја обединува македонската научна мисла.
„Иднината не е во поделби, туку во обединување. Ценам дека треба да се развиваме во оваа насока. Ние имаме искрена соработка со сите коалициони партнери, со ‘Влен’ и со ЗНАМ и во овие пет недели откако сме нова влада имаме принципиелна соработка“,
рече Мицкоски.
Според Мицкоски, меѓу владините партнери има различни ставови, но тие се дискутираат на заедничка маса.
„Ние не мора да се согласуваме за сите работи. Прашањето е да се согласуваме за мнозинството работи. Сите ние сме посебни индивидуи, посебни политички партии и логично е за одредени теми да имаме различни ставови, но во еден внатрешен дијалог, во еден процес на внатрешна дебата тие недоразбирања треба да се надминуваат доколку има простор за надминување. Во едно семејство дома, не секогаш се согласувате со членовите на тоа семејство, ќе наидете на одредени недоразбирања на моменти, но во еден дијалог, во еден демократски пријателски амбиент, треба да ги надминувате“,
кажа Мицкоски.
Несогласувањата во Владата по однос на прашањето за формирање „Албанска академија за науки и уметности“ ги потврди и вицепремиерот Изет Меџити. Во одделна изјава од истиот настан во Стопанската комора на Северозападна Македонија, каде што беа присутни двајцата владини функционери, Меџити порача дека станува збор за позитивна иницијатива од која државата би имала придобивка.
„Сите треба позитивно да гледаат на тоа и да бидеме среќни што Албанците и другите граѓани бараат да се посветат повеќе на научни истражувања и на академски достигнувања. Мислам дека со тоа државата не губи, тоа е инвестиција за иднината. По многу дебати и барања, има тројца-четворица академици, но нема ниту еден вработен во МАНУ, ни кафекувар нема. Значи, не може некој да ме убеди дека нема Албанци што можат да работат во МАНУ“,
потенцира Меџити.
Прашан и за несогласувањата со коалицискиот партер ЗНАМ за употребата на „балансерот“ при вработувањата во администрацијата, Меџити посочи дека сите министри во Владата треба да се фокусираат на поважни прашања, а не на, како што рече, провокации. Според него, и покрај спротивставените тези, Владата е стабилна, а недоразбирањата, како што кажа Меџити, ќе се дискутираат во рамки на владината коалиција.
Претходно, пак, министерот за здравство и еден од лидерите на „Вреди“, Арбен Таравари, кажа дека нема несогласувања во владејачката коалиција по идејата за формирање „Албанска академија на науки и уметностите“. Според него, идејата била нивна програмска определба уште во кампањата пред претседателските и парламентарните избори. Тој се согласи со тезата дека науката не треба да се етнизира и направи паралела со отворањето повеќе универзитети и институции што се занимаваат со наука.
„Несогласување немаме. Секогаш идеите што се за наука и уметност мислам дека се добри и убави. Така што засега почнавме како иницијатива од четири општини и се надевам дека понатаму ќе изнајдеме решение кое би било прифатливо за сите што живееме во Македонија,“
рече Таравари.
Лидерите на коалицијата „Вреди“ викендов од Тетово најавија дека ќе се обезбеди општинско финансирање на здружението „Албанска академија на науките и уметностите“. Општинското финансирање, како што порачаа од „Вреди“, треба да биде привремено решение, а ќе бараат академијата да ја финансира државата од буџетот.
Реакции стигнаа од ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ, од каде што порачаа дека МАНУ е единствената институција во државата и дека не смее да се прави паралелизам.
„Науката не смее да се политизира ниту, пак, да се етнизира, таа има своја генеза и континуитет. Ваквите обиди и идеи се резултат на постизборен популизам. Во Македонија постои МАНУ како една и единствена Академија која им припаѓа на сите и никаков паралелизам не е дозволен“,
порача Максим Димитриевски, претседател на ЗНАМ.
Идејата на „Вреди“ не наиде на поддршка ниту од опозициската СДСМ, а според ДУИ намерата за формирање „Албанска академија на науките и уметностите“ е идеја која ги понижува Албанците бидејќи „Вреди“ требало да го преземе управувањето со (МАНУ), а не како што велат, да дојдат до „големата општинска идеја“.
Општинското финансирање, како што објаснија од „Вреди“, треба да биде привремено решение, а ќе бараат академијата да ја финансира државата од буџетот.
„360 Степени“ вчера објави дека од регистрациските податоци за правниот субјект поднесени во Централниот регистар може да се види дека станува збор за здружение на граѓани кое е основано на 15.2.2022 година. Вистинското име му е поинакво од она што беше претставено на средбата со „Вреди“ и гласи „Академско здружение за наука и уметност на Албанците“, а не „Албанска академија на науките и уметностите“.