Во моментот на Клиниката за радиологија и онкологија има зголемен број на пациенти кои се лекуваат од рака на дојка, на белите дробови и на кожа (меланом), а според надлежните тоа се должи, меѓу другото, и на иновативната терапија која е ефикасна за овие заболувања, како и поради алоцирање на повеќе финансиски средства за третирање на овие пациенти
Инаку, најголем пораст во последните пет години има на новодијагностицирани пациенти со рак на кожата
Околу десет илјади граѓани во Македонија живеат со еден од трите типа на карцином – на дојка, на бели дробови и на кожа (меланом), чиј живот се продолжува благодарение на поквалитетен третман, нови лекови и поголем буџет за лекување што се издвојува по пациент на Клиниката за радиологија и онкологија.

Според статистиката на Унивезрзитетската клиника, што денеска беше презентирана на прес-конфереција, во изминатите 15 години бројот на новорегистирани пациенти со овие три вида на рака е релативно стабилен, односно е на приближно исто ниво, но бројот на пациенти кои се третираат или барем еднаш годишно се јавуваат на Клиниката постојано се зголемува.
Најголем пораст во последните пет години има на новодијагностицирани пациенти со рак на кожата (меланом).
Податоците на прес-конференција ги соопштија директорот на Клиниката за радиологија и онкологија, д-р Игор Стојковски и директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски.
Статистика
„Со канцер на дојка, до пред четири пет години на Клиниката имаше околу 5 000 пациенти годишно, а оваа година и лани имаме 7 000. Кај пациенти со канцер на белите дробови имаме 1 200 годишно во 2020 година, а оваа година се околу 1 743, а најдрастично покачување на преваленцата има кај пациентите со меланом – и оваа година има 514 кои се третираат на Клиниката, а беа околу 200 во 2020 година. Кулминирањето на бројот на пациенти се должи, меѓу другото, и на иновативната терапија која е ефикасна за овие заболувања, како и поради алоцирање на повеќе финансиски средства за третирање на овие пациенти“,
рече д-р Стојковски.
Според директорот на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО), Сашо Клековски, постои јасна поврзаност помеѓу продолжениот животен век на пациентите со рак и вложувањата во тераптијата што ја примаат.
До 2017 година, како што наведе Клековски, годишно за Клиниката за радиологија и онкологија се издвојувале околу 10 милиони евра, а растот во финансирањето започнува во 2019 година и во последните години значително се зголемува. За 2026 година, рече тој, буџетот на Клиниката е околу 57 милиони евра, што е зголемување за 14 отсто, споредено со минатата година.
„Конкретно за рак на дојка, во 2020 издвојувањата биле околу 700 евра по пациент, за сега да стигнат до 2 500 евра по пациент. Заради новооткриени и вкупен број на пациенти со рак на дојка буџетот за нив е речиси една третина од вкупниот буџет“,
рече Клековски.
Животниот век на забоелните со рак на дојка, поради зголемините вложувања, е зголемен од пет на седум години, додека кај ракот на белите дробови, кој е многу поагресивен, животниот век е продолжен на над две години, за кои се вложува по 7 600 евра за терапија по пациент.
„Кај ракот на бели дробови инциденцата се движи околу 600 до 700 случаи годишно, додека преваленцата односно вкупниот број тука е околу 1 700. Очекувано тука бројот на живи пациенти е помал во однос на инциденцата затоа што е доста поагресивен и подоцна се открива, меѓутоа од односот меѓу инциденцата и преваленцата очекуваниот животен век е над две години, што е битно подобрување“,
изјави Клековски.
Нови лекови
За меланомот, кој важи за еден од најсмртоносните видови рак, покрај растот на инциденцата (појавувањето нови случаи), односот со преваленцата (вкупниот број на заболени) е над три години, што повторно се должи на ефикасната терапија и значителното вложување за третман кое, рече директорот на Фондот за здравствено осигурување.

Тој појасни дека зголемувањето од 14 отсто на буџетот во однос на минатогодишниот е и за набавка на лекови. Минатата година биле вклучени шест нови лекови, а оваа година ќе има и два нови лека за рак на дојка, нова терапија ќе има и за канцер на простата и ќе се зголеми опфатот за 10 проценти за третман со имунотерапија.
„Ракот во еден дел од случаите веќе е хронична болест и е состојба со која ќе се живее подолго време и треба полека да се подготвуваме за пристап во согласност со фактот што пациенти ќе живеат подолго. Предизвикот е голем затоа што колку стануваме подобри во третманот, толку растат и потребите, како на пример од специфични видови терапија кои не секогаш можеме да ги предвидиме во нашиот систем“,
рече Клековски.
Недостига еден лек
За онколошките пациенти во моментов недостига само еден лек – палбоциклиб, кој го користат 142 од вкупно 7 000 жени пациенти со рак на дојка.
Директорот на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) Сашо Клековски изјави дека наскоро лекот ќе биде достапен и дека количините за 2026 се зголемени за 50 отсто.
„Кога има значитечно поголем број пациенти од планираниот број не е едноставно да се одговори на потребите, затоа буџетот за 2026 ќе биде зголемен за 50 проценти за два лека во оваа категорија, во која, покрај овој има уште еден лек. Очекуваме за две недели да биде објавен новиот повик за лекови што ќе ги опфати 2026-2027 година“,
рече директорот на Фондот.
Има подобрување, велат од ХЕМА-ОНКО
Дека има подобрување со состојбата со терапиите и нивната ефекасност потврдува и претседателката на Здружението на онколошки пациенти ХЕМА-ОНКО, Ана Марјановиќ, која вели дека оваа година е направен голем исчекор во однос на терапијата.
„Со зголемувањето на буџетот за оваа година, за одредени лекови 50 проценти, за друг вид лекови 75 проценти од пациенетите успеаја да стигнат до имунолошка и биолошка терапија, што е за поздрав. Тоа го покажуваат и бројките – имаме стабилен број кај ракот на дојка – од 800 до 1 000 новодијагностицирани годишно, но бројот на преживеани пациенти се зголемува. Тој скок е особено евидентен оваа година кога имаме вкупно 7 000 пациенти со рак на дојка“,
рече Марјановиќ во изјава за медиумите.
Според неа тенденцијата е животниот век на заболените со рак на дојка стигне до 10 години.

Марјановиќ вели дека во момнетот проблемот на онколошките пациенти не е достапноста и колку пациенти се вклучени на терапија, туку е превенцијата, скрининг програмите, капацитетите на Клиниката за онкологија и дисперзијата на примање на терапијата во Клиничките болници.
Инаку, на Клинаката за радиологија и онкологија во моментов функционираат три акцелератори, од кои еден е ставен во функција минатата година, откако десетина години затворен во магацин. На презентацијата на резултатите денеска беше претставен и нов апарат за зрачење на метастази во мозокот за што пациентите досега биле упатувани во странство.
