Во последните 24 часа има голем пораст на бројот на заразени од ковид-19 во земјите од регионот. Српските власти објавија дека во нивната држава има 143 новозаболени иако во јавноста, особено меѓу експертите, владее мислење дека бројот е поголем од оној што официјално се соопштува.
„Изборите беа поважни од здравјето. Бројките се прикриваа за да се прикаже лажна реалност. Сега, откако завршија, вистината почна да излегува на виделина. Кризниот штаб се однесуваше срамно и наместо да си ја брани професијата, ја бранеше политиката. Сите треба да си поднесат оставка“,
вели епидемиологот Зоран Радовановиќ.
Во Бугарија, во изминатото деноноќие, се регистрирани 130 случаи. Поради сериозниот пораст на бројот на заразени, кабинетот на Бојко Борисов реши да ја продолжи вонредната состојба поради епидемијата до 15 јули.
„Во периодот од 27 мај до 9 јуни, во просек имавме 26 случаи на ковид-19. Од 10 јуни до вчера, таа бројка е за 3,2 пати поголема, односно во просек имаме 84 случаи дневно“,
ја појасни Владата на Бугарија својата одлука.
Националниот штаб на Хрватска извести дека во оваа земја има 22 новозаболени од ковид-19. Од таа причина, повторно се враќа на сила мерката со која сите возачи и патници во јавниот превоз и мора задолжително да носат медицински маски и да се придржуваат до општите мерки, како што е одржување дистанца.
Исто така, хрватските власти решија да биде воведен посебен режим за влез на лица од БиХ, Косово, Србија и Северна Македонија. Доколку влезат врз Хрватска, задолжително ќе мора да одат во задолжителна самоизолација во рок од 14 дена. На таква обврска нема да подлежат лицата од овие земји кои само минуваат, односно транзитираат низ Хрватска.
Во Босна и Херцеговина има вкупно 88 новозаболени. Од нив, според податоците на Заводот за јавно здравство, во Федерацијата БиХ од 868 тестирани, позитивни биле 44 лица. Истиот број е забележан и во Република Српска.
Властите во Тирана известија дека во последните 24 часа биле испитани 347 лица кои се сомневале дека имаат симптоми на ковид-19. Од нив за 67 лица било утврдено дека се заразени од вирусот.
Премиерот на Косово Авдулах Хоти ги демантираше информациите дека од 1 јули ќе биде дозволено организирање свадби и прослави. Тој ги повика жителите на Косово да се придржуваат до мерките, за да не го загрозуваат своето и здравјето на своите најблиски.
Од Министерство за здравство на Косово информираа дека во текот на изминатото деноноќие имало 85 нови случаи на коронавирус.
Вчера и во Словенија беа потврдени 13 нови случаи на лица заразени со коронавирусот што е најголемо дневно зголемување од 24 април.