Најголем дел од новопријавените заболени – 581 се во Скопје, а во однос на возраста најголем број – 1 066 од оние со грип или слични заболувања се на возраст од 15 до 64 години

За една недела, односно од 20 до 26 јануари во земјава се пријавени 1 878 случаи на заболени од грип или заболувања слични на грипот, што е 33 отсто повеќе во споредба со претходната година, се наведува во најновиот извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).
Најголем дел од новопријавените заболени – 581 се во Скопје, а потоа е Кавадарци со 219. Во Куманово за една недела имало 167 заболени, во Струмица се 162, во Штип имало 106, а во останатите градови бројот на заболени е помал или еднаков на сто.
Во однос на возраста на заболените, во извештајот се наведува дека најголем број – 1 066 од оние со грип или слични заболувања се на возраст од 15 до 64 години. Деца на возраст од пет до 14 години се 349, додека 325 од новозаболените се деца на возраст до четири години. Оваа недела 138 заболени се на возраст постари од 65 години.
За заштита од грип, од ИЈЗ препорачуваат да се избегнува собирање и престој во простории каде што престојуваат повеќе луѓе, особено да се избегнува близок контакт со луѓе кои се болни или сомнителни – кашлаат, киваат, имаат покачена телесна температура.
Исто така, се препорачува често да се мијат рацете со вода и сапун или дезинфекциско средство, да се загреваат просториите за престој и често да се проветруваат.
„Препорачливо е топло, слоевито облекување, топли бањи. Да се пијат топли напитоци – чаеви и супи, овошни цедени сокови, вода со лимон. Да се земаат свежи продукти богати со витамини и минерали, најдобро овошје и зеленчук што му се неопходни на организмот. Особено се пожелни продукти богати со витамин Ц – цитрони, лимони, портокали. Доколку не се располага секогаш со свежи прехранбени продукти, може да се користат и мултивитамински напитоци и препарати“,
советуваат од Институтот.
Според надлежните, врвот на заболените се очекува кон средината на февруари.
Од ИЈЗ потсетуваат дека вакцинацијата против сезонски грип е најефикасна заштита од ова заболување. Се препорачува вакцинација на целото население, особено на лица кои припаѓаат на таканаречените ризични групи, согласно препораките на СЗО.
Заклучно со 26 јануари во земјата вакцинирани се вкупно 72 357 лица со бесплатна или комерцијална вакцина против грип.