Соединетите Американски Држави и Велика Британија вчера објавија дека почнале со евакуација на своите дипломати од земјата, а идентични операции почнаа да преземаат и Франција, Германија, Италија и Шпанија за евакуација на своите, но и на дипломатски претставници на други земји
Се зголемува бројот на странски земји кои ги евакуираат своите дипломати и државјани од главниот град на Судан додека во меѓувреме продолжуваат да беснеат жестоките борби меѓу суданската армија и паравоените сили за брза поддршка (РСФ) во главниот град Картум, пренесува Би-би-си.

Соединетите Американски Држави и Велика Британија вчера објавија дека почнале со евакуација на своите дипломати од земјата, а идентични операции почнаа да преземаат и Франција, Германија, Италија и Шпанија за евакуација на своите, но и на дипломатски претставници на други земји.
Насилствата, предизвикани од безмилосната борба за власт во Судан меѓу регуларната армија и паравоените сили, траат повеќе од една недела.
Американските власти соопштија дека во неделата наутро во „брза и чиста“ операција префрлиле стотина луѓе со три хеликоптери „чинук“.
Амбасадата на САД во Картум сега е затворена, а во објава на Твитер на нејзината официјална страница се вели дека засега безбедносните околности не дозволуваат владата да ги евакуира американските државјани кои од приватни причини се наоѓаат во Картум.
Британската влада, како што пишува Би-би-си, успеала да ги изнесе од земјата своите дипломати и нивните семејства во операција која се опишува како сложена и брза.
Министерот за надворешни работи на Обединетото Кралство, Џејмс Клеверли, рече дека опциите за евакуација на преостанатите британски државјани во Судан се строго ограничени.
Операции за евакуација спроведуваат и неколку други земји.
Францускиот претседател Емануел Макрон потврди дека во неделата пристигнал авион во Џибути со француски државјани и други лица, а денеска била извршена нова операција за евакуација , со што бројот на евакуирани лица досега достигна 388, соопшти владата во Париз. Со француските авиони вчера и утрово, како што се наведува, заминале и неколку холандски државјани. Германската армија соопшти дека првиот од трите авиони го напуштил Судан и е на пат за Јордан, со 101 лице во него.

И Италија и Шпанија ги евакуираат своите граѓани, а операциите на шпанската мисија вклучуваат и изнесување од Судан и на државјани на Аргентина, Колумбија, Ирска, Португалија, Полска, Мексико, Венецуела и на Судан.
Својот дипломатски персонал го евакуирала и Канада, соопшти премиерот на земјата Џастин Трудо.
Британскиот национален сервис јавува дека имало очајнички повици за помош од многу странски студенти од земји од Африка, Азија и Блискиот Исток, кои се заглавени во Картум, град со околу шест милиони жители, и кои бараат начин да ја напуштат земјата.
Во меѓувреме, како што јавуваат светските медиуми, има извештаи дека интернет врските во Судан се во целосен колапс, што може дополнително да предизвика тешкотии во координацијата на помошта и натамошните операции за евакуација на странските државјани затекнати од ситуацијата во Судан.
Извештаите на Би-би-си јавуваат за силни бомбардирања и речиси постојани пукања во главниот град на Судан, што довело до прекин на електричната енергија и безбеден пристап до храна и вода за голем дел од населението.
Додека борбите беснеат во центарот на суданската престолнина и во неговиот збратимен град Омдурман, шефот на американската агенција за меѓународен развој (УСАИД) Саманта Пауер, ја опиша мрачната слика за реалноста во Судан:
„Борбите однесоа стотици животи, илјадници повредени и повторно ги уништија демократските аспирации на суданскиот народ. Цивилите кои се заробени во своите домови не можат да пристапат до очајно потребните лекови и се соочуваат со долготраен недостиг на струја, вода и храна… Сето ова страдање ја надополнува и онака страшната ситуација. На една третина од населението на Судан, речиси 16 милиони луѓе, веќе им беше потребна хуманитарна помош за да се задоволат основните човечки потреби пред избувнување ова на насилството“.
Неколкуте прекини на огнот кои првично беа договорени од двете страни беа игнорирани, вклучително и примирјето за одбележување на големиот муслимански празник Рамазан бајрам кој почна во петокот.
Светската здравствена организација соопшти дека во борбите загинале повеќе од 400 луѓе, а илјадници се повредени. Но, се верува дека бројот на загинати е многу поголем бидејќи голем број луѓе не можат да добијат соодветна медицинска нега откако голем дел од болниците во Картум мораа да бидат затворени поради жестоките борби.
Покрај Картум, тешко погоден од борбите е и западниот регион Дарфур, каде што првпат се појавија силите за брза поддршка.
Обединетите нации соопштија дека околу 20 000 луѓе, главно жени и деца, го напуштиле Судан и побарале засолниште во соседен Чад.