Се проценува оти инфлацијата ќе продолжи да расте во Русија, каде што рубљата изгуби 22 проценти од својата вредност од почетокот на годинава, откако руските сили ја започнаа инвазијата врз соседна Украина
Трошоците за живот во Русија се зголемуваат откако Русија ја почна воената инвазија врз Украина пред еден месец, а цената на некои основни производи, како на пример шеќерот, скокна за 14 отсто минатата недела.
Се проценува дека инфлацијата ќе продолжи да расте во Русија, каде што рубљата изгуби 22 проценти од својата вредност од почетокот на годинава.
Во текот на вчерашниот ден руското Министерство за економија соопшти дека годишната инфлација скокнала за 14,5 отсто во неделата, заклучно со 18 март – што претставува највисоко ниво од крајот на 2015 година.
Федералната државна служба за статистика извести оти цената на шеќерот пораснала за дури 37,1 отсто во одредени области на земјата, односно во просек се зголемила за 14 отсто. Цената на шеќерот, кој обично се користи за конзервирање храна или пијалаци, има најголем раст оваа седмица, наведе владината агенција.
Следен на листата на раст на цените е кромидот, со пораст од 13,7 отсто на национално ниво, а во некои области и до 40,4 проценти. Пелените, пак, поскапеа за 4,4 отсто. Цените за црн чај се зголемија за четири, а тоалетната хартија за три проценти.
Видеа на социјалните медиуми покажуваат како купувачи се обидуваат да купат шеќер и леќа во супермаркети во Москва, додека, пак, заменик-премиерката Викторија Абрамченко им порача на жителите дека нема потреба од паника за да се купат овие работи.
Голем дел од корпорациите се повлекоа од Русија поради војната, а швајцарскиот гигант „Нестле“ ги повлече главните брендови како „киткат“ и „несквик“.