Во текот на војната со Иран, цената на нафтата „брент“ варираше драстично, достигнувајќи во одредени моменти и над 119 долари, по почетните 70 долари пред конфликтот во февруари

Заканата од САД за воведување блокада на Ормускиот Теснец, утрово повторно ја врати цената на нафтата над 100 долари за барел.
Суровата нафта „брент“ скокна за седум отсто на 101,88 долари за барел, додека американската сурова нафта е зголемена за над осум проценти на 104,69 долари за барел што е назад кон максимумот од речиси 120 долари постигнат на почетокот на конфликтот, пишува британски „Гардијан“.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, рече дека побарал од американската морнарица да „забрани“ секој брод што платил патарина на Иран за премин низ теснецот, во обид да го задуши протокот на иранска нафта.
Тони Сикамор, пазарен аналитичар, за британскиот медиум вели дека со тоа САД имаат за цел да ги принудат сојузниците и клиентите на Техеран да извршат притисок врз Иран за повторно отворање на теснецот.
Во текот на војната со Иран, цената на нафтата „брент“ варираше драстично, достигнувајќи во одредени моменти и над 119 долари, по почетните 70 долари пред конфликтот во февруари.
Информациите што ги пренесува „Гардијан“ покажуваат дека и цената на гасот во Велика Британија е скокната утрово.
Договорот за гас во САД за еден месец е зголемен за девет отсто на 119,50 пени за терм, што е највисоко ниво од минатиот вторник пред Доналд Трамп да го објави двонеделното примирје со Иран.
Пред почетокот на конфликтот на крајот на февруари, гасот се тргуваше под 80 пени за терм, пред да достигне 180 пени за терм кон средината на март.
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека САД ќе почнат да го блокираат Ормускиот Теснец во обид да ја преземат контролата врз стратешкиот воден пат од Иран по неуспешните мировни преговори што пред два дена се одржаа меѓу земјите во Пакистан.
Најавата на Трамп за блокада доаѓа откако мировните преговори меѓу САД и Иран во Исламабад, кои траеја 21 час, завршија без да биде постигнат договор за завршување на конфликтот и за отворените прашања меѓу двете земји.
