Договорот за изградба на новата штипска болница е раскинат пред десетина дена и во тек е пресек на активностите , по што ќе се распише нов тендер, велат од Министерството за здравство.
„Ве известуваме дека договорот со изведувачот ИНТРАКАТ за новата штипска болница е раскинат на 29.06.2023. Потребно е да се направи преглед, односно пресек на активностите, по што ќе се распише тендер за нов изведувач, согласно заклучок од Влада. Во рок од 42 дена треба да се достави ,,Проект на изведена состојба’’, да се подготви нова тендерска документација и во рок од 30 дена да се објави нова јавна набавка“
соопшти Министерството за здравство.
Оттаму велат дека поднесени се барања за активирање банкарски гаранции, во износ од шест милиони евра и тие се реализирани. Рокот за изградба бил 30.06.2023, а досега се реализирани само 30 отсто.
Роковите за изградба на болницата се неколку пати пробиени. Првично болницата требаше да биде изградена до 2018 година а потоа крајниот рок беше продолжен до 2023 и таа се уште не е завршена.
Проектот требаше да чини околу 34 милиони евра, делумно финансиран преку заем од банката на Совет на Европа. Но, пред две години банката се повлече, а финансирањето на овој објект продолжи со средства од буџетот.