Поранешниот генерален секретар на владата бара ДКСК да одговори која е компанијата од која автомобилот е добиен на поклон, јавно да ја објави процкената на автомобилот за кој комисијата вели дека вреди 50.000 евра како и да ја објави одлуката врз која наводно е влијаено да биде донесена, а за што за возврат Рашковски го добил автомобилот на подарок
Драги Рашковски, поранешниот генерален секретар на владата, преку писмен допис реагира до Антикорупциската комисија (ДКСК) која иницираше Јавното обвинителство да отвори постапка против него за утврдување одговорност за примање награда – возило, „доџ вајпер“
Во документот кој, преку адвокатска канцеларија, беше доставен и до медиумите, Рашковски тврди дека сите сознанија што вчера ги обелоденија антикорупционерите се „еклатантни невистини“.
„Како орган чија основна задача треба да е откривање на незаконски дејствија со цел да се спречи корипцијата, вие си земавте за право да изнесувате еклатантни невистини и притоа да обвинувате за наводно сторено кривично дело, при тоа самите вршејки кривично дело согласно член 366 од Кривичниот законик. Доколку сте ги собрале документите за кои тврдите дека ги имате, тогаш многу добро знаете дека никој од никаква фирма нема добиено автомобил на поклон. Секој човек има име и презиме, секој настан има време и место. Затоа, бараме од Вас, јавно да ги објавите сите документи до кои сте дошле со кои се потврдува евентуалното незаконско дејствие“,
пишува во дописот на семејството Рашковски упатен до членовите на комисијата.
Се бара ДКСК да одговори која е компанијата од која автомобилот е добиен на поклон, јавно да ја објави процкената на автомобилот за кој комисијата вели дека вреди 50.000 евра како и да ја објави одлуката врз која наводно е влијаено да биде донесена а за што за возврат Рашковски го добил автомобилот на подарок.
„Иако не е на мое интелектуално ниво, а не треба да е ниту ниво на една институција која ја претставувате, бидејки јавно беше упатена понуда за купопродажба на автомобилот, сопственикот на автомобилот, кој е мој другар преку полномошник Ви соопштува дека прифаќа предметниот автомобил да Ви го продаде за цена од 5.000 евра. Во прилог се фотографиите од истиот. Ваквите паушални обвинувања фрлаат сомнеж дека намерата е да се наштети на нечија личност, а не на остварување на надлежностите на Вашата институција“,
пишува Рашковски.
Во дописот се вклучени и фотографии од автомобилот „доџ вајпер“ на кои е прикажано возило кое е во фаза на реставрација и поправка.
Според ДКСК, сопругата на Рашковски добила на подарок автомобил од 50 000 евра од страна на лицето Игор Христов, кој истото го купил за невообичаено ниска цена од гостиварската фирма. Фирмата, пак, претходно побарала од Генералниот секретаријат на Владата, додека со него раководеше Рашковски, за имот со деловен простор во Гостивар во сопственост на државата да ѝ биде пренесено правото на градење и уредување.
ДКСК има сомневање за сторено кривично дело од страна на Рашковски по член 359, став 1 и 2 од Кривичниот законик, односно примање награда за противзаконито влијание.
Според ДКСК, сопругата на Рашковски во февруари, добила на подарок автомобил Доџ Вајпер СРТ од 2005 година чија што пазарна вредност е најмалку 50 илјади евра, а во анкетниот лист на Рашковски е пријавено дека вреди 5 илјади евра. Според предметот на Антикорупциската комисија, автомобилот претходни бил во сопственост на Игор Христов, кој наводно го купил возилото од гостиварска фирма за 5 илјади евра.
Истата гостиварска фирма во декември минатата година побарала од Генералниот секретаријат на Владата, додека генерален секретар беше Рашковски, за имот со деловен простор во Гостивар во сопственост на државата да ѝ биде пренесено правото на градење и уредување.
Рашковски е во фокусот на јавноста, откако „360 степени“ објави за набавката на софтверот за сообраќајни прекршоци, за што наскоро го очекува судење по обвинение на Обвинителството за организиран криминал и корупција.
Во серијата прилози, објавивме и дека Рашковски вози луксузен џип „Волво“ – XC 90, кој не го пријавил во анкетниот лист. .
„360 степени“ откри дека џипот е во сопственост на фирмата „ГБЦ системи“, регистрирана за трговија на мало со аудио и видеоопрема, чиј единствен газда, според Централниот регистар, е Игор Христов. Истиот Игор Христов, Рашковски го ангажирал како хонорарец за одржување информатички системи во Генералниот секретаријат на Владата. Тој е и меѓу осомничените за набавката на софтверот.