Според првичните сознанија на СВР Велес, гореле магацин, во кој имало пластична амбалажа, фрижидери и друго и канцелариски простории
Рано утринава во 4 часот е локализиран пожарот во фабриката за прехранбени производи „Мирана“ во Велес што избувна вчеравечер околу 22 часот, информираат утринава од Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Пожарникарите и останатите служби и натаму остануваат на терен за да спречат евентуално повторно разгорување на огнот поради тоа што сѐ уште постојат слаби чадења на одредени места во фабриката.
„Според првичните сознанија на Секторот за внатрешни работи Велес, гореле магацин (во кој имало пластична амбалажа, фрижидери и друго) и канцелариски простории (документација и други материјали)“,
информираат од ЦУК.
Во гасењето на пожарот учествувале пожарникари со три противпожарни возила од велешката противпожарна, едно возило од Јавното комунално претпријатие „Дервен“, две специјални пренаменети возила на Дирекцијата за заштита и спасување, а на терен биле присутни и шест полициски службеници од СВР Велес.
Засега не се познати причините за избувнувањето на пожарот.