Според неа, како министер за образование има уште многу работа да ги доврши на функцијата што сега ја извршува
Сосема е рано да се размислува за такво нешто, рече денеска министерката за образование и наука Весна Јаневска одговарајќи на новинарско прашање дали можеби таа ќе го преземе ресорот здравство по синоќешната одлука на министерот за здравство Арбен Таравари и неговата Алијанса за Албанците (АА) да ја напуштат Владата и да одат во опозиција.

Според неа, како министер за образование има уште многу работи да ги доврши на функцијата што сега ја извршува.
„Владата има премиер, а веројатно има и преговарачки тим. Тоа е нивна работа. Тие ќе кажат како ќе биде“,
рече таа.
На дополнителното прашање од новинарите дали ќе прифати ако ѝ биде предложена функцијата министер за здравство, таа одговори дека сега е рано да се размислува, но ако дојде таков момент, тогаш ќе разговара.
„Има одговорно лице што ќе каже како треба да биде“,
вели Јаневска.
Посочи дека ја слушнала изјавата на Биљал Касами, еден од лидерите на ВЛЕН, коалицијата на партии на Албанците која е дел од Владата, кој не исклучува можноста ВЛЕН да го даде Министерството за здравство на ВМРО-ДПМНЕ, а за возврат да добие друг ресор.
„Во овој момент има толку многу работа да досработам за цел мандат. Не сум вклучена во преговорите. Ќе повторам дека има одговорно лице, што ќе каже како треба да биде“,
кажа министерката.
Во интервју за „360 степени“, Биљал Касами, еден од лидерите на ВЛЕН, коалицијата на партии на Албанците која е дел од Владата, не ја исклучува можноста ВЛЕН да го даде Министерството за здравство на ВМРО-ДПМНЕ, а за возврат да добие друг ресор.
Неофицијално, се разгледува можноста ресорот образование да му припадне на ВЛЕН, а со здравството да раководи кадар на ВМРО-ДПМНЕ.
Претседателот на дел од Алијанса за Албанците и министер за здравство, Арбен Таравари, синоќа на прес-конференција соопшти дека неговата Алијанса за Албанците одлучи да оди во опозиција.
Таравари додаде и дека ќе заминат од Владата во моментот кога ќе бидат избрани нови членови и заменици.