Српскиот претседател, одговарајќи на новинарско прашање, рече дека нема проблем на состаноците да седат и претставници на Косово и додаде дека сакаат да соработуваат економски, а политичките работи се решаваат во Брисел преку дијалогот Белград-Приштина
Лидерите на Албанија, С Македонија и Србија, Еди Рама, Зоран Заев и Александар Вучиќ, кои стојат зад создавањето на иницијативата „Отворен Балкан“, а која започна како „Мал Шенген“, денеска ги повикаа и останатите три земји од Западен Балкан – БиХ, Косово и Црна Гора да им се приклучат во заедничките напори за создавање простор на слободно движење на стоките, услугите, капиталот и луѓето.
„Луѓето што не сакаат да ја следат оваа иницијатива или сакаат да видат нејзин неуспех наоѓаат различни изговори и велат дека ова е замена за ЕУ-интеграциите, дека нѐ враќа во минатото, дека ова е формирање нова Југославија. Идејата на оваа иницијатива е да има што помалку пречки кога ќе се случи влезот во ЕУ“,
рече албанскиот премиер Рама, одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференцијатаупатено до сите тројца.

Рама потоа објасни дека сегашните вакви средби на трите земји понатаму ќе се прошират и со земји од ЕУ како Италија, Унгарија и Грција, кои ќе бидат поканети на состаноците и со кои ќе се разговара за уште поголеми олеснувања и отстранување на што е можно повеќе пречки кон ЕУ.
„Ние ги повикуваме да ни се приклучат. Јас ќе кажам само за Албанија дека има над 600-700 субјекти кои извезуваат во Европа, така што преку оваа иницијатива сите земји ќе имаат можност да пристапат кон европските пазари уште пред да бидеме дел од ЕУ“,
рече Рама.
Вучиќ: Немаме проблем Косово да биде дел од „Отворен Балкан“
На директното прашање до Вучиќ, дали е подготвен да дозволи претставникот на Косово да седне на маса на состаноците на „Отворен Балкан“ покрај косовското знаме, српскиот претседател одговори:
„Знам дека сега би очекувале да одговорам остро така што би добил националистички поени дома, но ќе ве изненадам со изборот и мојот одговор ќе биде мирен и рационален. Точно е дека ние имаме поинаков став за Косово од Албанија и С Македонија. Но тоа не значи дека ваквите разлики се причина некој да не биде дел од ‘Отворен Балкан’. Има административни премини меѓу Косово и централна Србија, како што ние тоа го викаме. Може да го нарекувате и како граница меѓу Србија и Косово. Но целта е да нема пречки, малтретирања и безброј проблеми во протокот на стоки, услуги и луѓе, кои си ги правиме. Нема човек кој не би се согласил со ова, каде и да е. Не сметам дека е продуктивно јас да ги повикувам. Но ако ме прашате дали имаме против да се појават, ние сме спремни да соработуваме економски и немаме проблем со тоа. Политичките работи се решаваат во Брисел преку дијалогот Белград-Приштина“,
рече Вучиќ.

Тој смета дека сите оние што се против оваа иницијатива само ќе пропуштат време поради, како што рече, некои мали политички сплетки, теории на заговор.
Потоа Вучиќ го посочи и примерот со палењето на српските знамиња во Тирана, на протестите поради неговото доаѓање на денешниот самит на „Отворен Балкан“. Тој рече дека му било сугерирано да не оди во Тирана, бидејќи се палеле српски знамиња, на што тој им одговорил: „Па се палеа и албански знамиња кога Рама дојде во Белград“.
„Ние знамињата на С Македонија и Албанија со гордост ги закачивме во Белград и сега чудно е како ние можеме да си простиме себеси, а не можеме да простиме на други. Ние не сме тука да броиме кој повеќе знамиња запалиле, туку да градиме мостови, да ги водиме државите со тоа што ќе го чуваме мирот, не да покажеме некакви каприци. Ова е мировен проект и проект на економски развој. Не мора да се сакаме, но мора да се почитуваме, и тоа го правиме за сите нас. Затоа ќе продолжиме со оваа иницијатива во која вложивме многу труд и сме горди на тоа“,
рече Вучиќ.

Премиерот Заев само кусо изјави дека „еден е подобро од три“, а „шест е подобро од шест“, и на тој начин упати порака до сите земји од регионот да се приклучат.
„’Отворен Балкан’ ќе расте и на Западен Балкан и надвор од него. Сите ќе се согласиме дека три е подобро од еден. А шест се подобро од три Но само ќе ве повикам да останете фокусирани и посветени бидејќи ‘Отворен Балкан’ станува атрактивна иницијатива и привлечен бренд, бидејќи е во корист на сите три земји“,
рече Заев.