Првичните неофицијални резултати од денешните парламентарни избори во Албанија покажуваат дека владејачката Социјалистичка партија на актуелниот премиер Еди Рама е во водство.
Според „Топ ченл“, засега Рама е во водство со освоени 46,9 проценти од гласовите. Опозициската Демократска партија на Љуљзим Баша, пак, има 43,5 проценти. Движењето за социјалистичка интеграција има 6,9 отсто од гласовите.
Сепак, резултатите со кои излегуваат медиумите се различни. Засега, не е јасно дали Рама би можел да добие мнозинство од 71 пратеник во парламентот кој брои 140 пратеници.
Според едни, пренесува Алсат ТВ, социјалистите освоиле токму 71 пратеник, но според други, повеќе мандати заедно имаат двете опозициски партии, Демократската и Социјалистичкото движење за интеграција.