Премиерот на Албанија, Еди Рама, во интервју за телевизијата Клан, истакна дека ситуацијата на Косово е опасна и непотребна. Вели дека единствениот став на САД и на сите лидери на ЕУ е враќање на Србите во институциите и распишување нови избори.
„Не е моја задача да барам чија е одговорноста. Ставот на Тирана е ист како оној на Брисел и на Вашингтон. Моменталната ситуација на северот на Косово е неприфатлива. Косовските власти треба веднаш да распишат избори, а Србите да се вратат во институциите“,
е оценката на Рама.

Рама објави дека на маргините на Самитот на Европската политичка заедница се сретнал со косовскиот премиер Албин Курти и со претседателката Вјоса Османи, но дека не разговарале за ситуацијата на северот на Косово.
Според него, тоа е прашање за кое треба да одлучат дали сакаат да разговараат со него или не.
На прашањето дали тоа значи дека нема комуникација меѓу Албанија и Косово на официјално ниво, Рама рече дека тоа не е така, туку дека се работи за одговорност и надлежност на премиерот на Косово, а до одреден степен на претседателот.
„На нив е да одлучат дали сакаат да разговараат за тоа прашање или не. Не сум јас тој што ги води и им кажува како да ја завршат оваа работа. Ова е почит кон нив и кон институциите на Косово, според мене“,
додаде тој.
Посочи дека Косово се консултирало со Албанија кога сакало да се консултира.
„Кога не сакаат да се консултираат, целосно нивно право е да не се консултираат. Тој не побара да разговара со мене или со нас во владата и има право да не разговара. Но, ние не сме рамнодушни,
нагласи Рама.