-Додека разговараме за цените, ризикот е недостигот. Да не ги прифаќаш фактите и да зборуваш како да си во нормална реалност е многу голем проблем, рече албанскиот премиер, индирекно обраќајќи ѝ се на опозицијата
Албанскиот премиер Еди Рама објави дека в понеделник ќе биде „ден без возила заради заштеда на гориво, а не од еколошки аспект“.
Тој ја најави и опцијата за работа од дома, како во времето на карантинот поради пандемијата од ковид-19, што според него е добра можност за штедење на нафта.
„Агенцијата за енергетика го потврди она што го кажувавме, а тоа е дека проблемот во оваа ситуација не е толку очигледен. Додека разговараме за цените, ризикот е недостигот. Да не ги прифаќаш фактите и да зборуваш како да си во нормална реалност е многу голем проблем“
истакна Рама, индирекно обраќајќи ѝ се на опозицијата и организаторите на протестите што ги одржуваат поради поскапувањата.
Тој додаде дека Владата ќе заседава и ќе донесе одлука околу опцијата за работа од дома. Засега за неработен е прогласен понеделник (21 март) што значи се спојува со вторник кога Бекташите го одбележуваат Султан Неврус, а во Албанија е неработен ден.
Рама препорача и утрешниот ден да биде без автомобили, а зошто не и вторник, што значи три дена без автомобили и според него заштеда на гориво.
Тоа е реалната состојба. Растот на цената е неминовен, како и во другите земји, додаде албанскиот премиер.