Албанскиот премиер истакна дека за членство во ЕУ не е доволно само да се подигне европскиот дух, туку треба да се работи на промена на реалноста во земјата, со цел да се обезбеди дека си ќе функционира согласно Уставот
Албанија има амбиција да се интегрира во ЕУ во 2030 година, вели премиерот Еди Рама.
Тој денеска во изјава за медиумите вели дека Албанија одбележува важен момент во процесот на европска интеграција и додава дека Европа е единственото место каде што сакаат да бидат.
„ЕУ и Европа се единственото место каде што сакаме да бидеме, единственото место за живот на идните генерации каде што може да се гарантираат слободите, правата, владеењето на правото и безбедноста. Така што, овој момент е посебен“,
вели Рама, пренесува „Еуроњуз Албанија“.
Тој рече и дека мора да му се заблагодари на рускиот претседател Владимир Путин, кој, како што истакна, со својата безмилосна агресија ги разбуди и најскептичните и ги натера да ја согледаат реалноста дека Западниот Балкан е потребен за обезбедување на силна констелација на Европската Унија.
„Така сега сме на иста страна, ќе го извлечеме најдоброто од тоа и ќе се движиме брзо за да се увериме дека овој голем прозорец на можности нема да се затвори без ние да станеме дел од Европската Унија“,
додава Рама.
Во својот говор на конференцијата Рама го нарече отворањето на првото групно поглавје од преговорите со ЕУ историски камен-темелник кон целосното европско обединување.
Тој нагласи дека ЕУ во минатото била неправедна кон земјите кандидати како Албанија, кога ги отфрлила препораките направени од самата Европска комисија.
Албанскиот премиер истакна дека за членство во ЕУ не е доволно само да се подигне европскиот дух, туку треба да се работи на промена на реалноста во земјата, со цел да се обезбеди дека сè ќе функционира согласно Уставот.
„Таа домашна задача претставува планина што треба да се премине и веќе планинариме со многу јасни идеи и многу силна волја да го оствариме тоа што треба да се оствари“,
додава Рама.
Кластерот „Основни вредности“ опфаќа сет на поглавја поврзани со фундаменталните реформи, од чие спроведување ќе зависи целокупното темпо на преговарачкиот процес и почетокот на преговорите по другите кластери. Преговорите по овој кластер се отвораат први, а се затвораат последни.
Тој вклучува три критериуми – функционирање на демократските институции, реформа на јавната администрација и економски критериуми и пет поглавја – Судство и основните права, Правдата, слобода и безбедност, Јавните набавки и Статистика и финансиска контрола.
Албанија е прва меѓу земјите кандидати за членство во ЕУ, што ќе ги води пристапните преговори според ревидираната методологија за проширување на Унијата усвоена во 2020 година. Согласно оваа методологија, преговарачките поглавја се поделени во шест тематски кластери: „Основни вредности“, „Внатрешен пазар“, „Конкурентност и инклузивен раст“, „Зелена агенда и одржливо поврзување“, „Ресурси“, „Земјоделство и кохезија“ и „Надворешни односи“.
Албанија во 2009 година поднесе барање за влез во Европската Унија, а првата меѓувладина конференција за пристапни преговори се одржа во 2022 година. Досега напредокот на Албанија на патот кон ЕУ беше поврзан со напредокот на Северна Македонија.
Одлуката Албанија да почне преговори за членство во ЕУ по кластери минатиот месец ја донесе Комитетот на постојани претставници на владите на земјите членки на ЕУ (Корепер), со што земјата се одвои во патот кон ЕУ од С Македонија.