Објавувањето на скандалот, албанскиот претседател Илир Мета го оцени како криминален акт и посочи дека објавувањето на ваквите податоци не е ништо друго освен кршење на слободите, човековите права и достоинство. За скандалот реагираше и опозициската Демократска партија која побара од премиерот Рама да ја преземе одговорноста и да поднесе оставка
Албанскиот премиер Еди Рама јавно им се извини на граѓаните чии лични податоци вчера беа објавени во јавност. Списокот што беше објавен содржеше износи на плати, единствени матични броеви и работни места на над 600 000 албански граѓани, меѓу кои и функционери, политичари, вработени во државна администрација како и вработени во приватен сектор.
Рама упати јавно извинување до граѓаните за упадот во нивниот приватен живот и вети темелна истрага за случајот, но ја истакна и можноста дека целта на овој потег е насочен кон дестабилизација на земјата.
„Посакувам, се надевам и ги повикувам органите на прогонот да ја спроведат оваа истрага најдобро што можат. Од друга страна, би сакал да споделам со јавноста дека според мене не е тешко да се разбере дека целта на сето ова а тоа е да се поттикне нестабилност во земјата, што не е прв обид“,
рече Рама.
Рама го повика албанското обвинителство да спроведе темелна истрага, вклучително и даночните инспектори кои имаат пристап до системот на плати, оние што моментно работат во овој систем или други кои можеби го напуштиле овој систем во периодот од извлечените податоци до денес, но и оние што од собраниските говорници и антивладините собири предупредуваат на други зли намери.
Според него, во периодот од 2019 до 2021 година, вакви настани се случиле во многу земји со, како што рече, многу повисоки капацитети и кибер одбрана како САД, Русија, Велика Британија и Канада, што е „нов предизвик на времето“.
Објавувањето на скандалот, албанскиот претседател Илир Мета го оцени како криминален акт и посочи дека објавувањето на ваквите податоци не е ништо друго освен кршење на слободите, човековите права и достоинство, а кршење и на законите и Уставот.
За скандалот реагираше и опозициската Демократска партија која побара од премиерот Рама да ја преземе одговорноста и да поднесе оставка.