Како што додадоа Рама и Вучиќ, во заедничкото писмо што го објави германскиот весник „Франкфуртер Алгемајне Цајтунг“, патот до членство бара длабоки и честопати болни реформи, кои се скапи и политички тешки, но се прават бидејќи целта е вредна. Според нив, нивните две земји, но и целиот регион, се промениле на начини што биле незамисливи до пред една деценија

Од 2013 година ниту една нова членка не се приклучила на ЕУ. Иако ова не значи нужно дека посветеноста се намалила, туку дека условите станале посложени – внатрешни реформи, геополитички тензии, институционални ограничувања и легитимна загриженост кај земјите членки, суровата вистина останува, оваа тажна и обесхрабрувачка реалност трае предолго.
Ова го напишаа албанскиот премиер Еди Рама и српскиот претседател Александар Вучиќ во заедничкото писмо што го објави германскиот весник „Франкфуртер Алгемајне Цајтунг“. Во писмото, двајцата балкански лидери, чии земји се кандидати за членство во Европската унија и се во фаза на преговори, велат дека ништо не ја променило ЕУ по падот на Берлинскиот ѕид како проширувањето со нови членки, и ниту еден друг политички процес не ја трансформирал Европа подлабоко и помирно. Според нив, тоа помогнало да се воспостави демократија, стабилност и просперитет во поголемиот дел од европскиот континент.
„Достигнувањата на европскиот проект се неоспорни. Ниту една генерација Европејци никогаш не доживеала таков мир, мобилност и просперитет. Проширувањето одигра централна улога во ова, создавајќи заедница заснована на демократија, владеење на правото и економска размена. Во нашиот дел од Европа, Западен Балкан, регион географски опкружен со ЕУ и историски испреплетен со судбината на Европа, перспективата за членство останува најсилниот двигател на реформите, инвестициите и помирувањето“,
се вели во писмото.
Вучиќ и Рама се заблагодарија за ангажманот на ЕУ во регионот преку финансиска поддршка, политички дијалог и секторска интеграција, но порачаа дека се уште не е реализиран трансформативниот ефект од полноправното членство. Според нив, крајно време е унијата да препознае дека треба да ја вложи својата енергија во Западен Балкан.

Тие изразија разбирање за загриженоста на некои членки и лидери за тоа дали Европската унија ќе може да функционира ефикасно ако има уште повеќе членови од денес. Додадоа дека имаат тежина аргументите според кои внатрешните реформи во ЕУ се неопходни за да се осигура дека и по новите проширувања унијата ќе остане способна за решителна акција.
„Научивме, честопати на потешкиот начин, колку е тешко да се убедат сите земји-членки да ги забрзаат нашите процеси на пристапување и колку лесно може да се блокира напредокот, честопати од причини вкоренети во домашните политички размислувања на поединечните земји-членки. Но, кажувањето на идните членки дека мора да почекаат реформи на ЕУ пред да се приклучат е еднакво на затворање на вратата: повеќе славенички говори со кои се потврдува посветеноста за добредојде на нови членови додека всушност речиси ништо не се случува. Тоа би било погрешно, контрапродуктивно, па дури и опасно во овие времиња“,
додадоа тие во писмото.
Како што додадоа Рама и Вучиќ, патот до членство бара длабоки и честопати болни реформи, кои се скапи и политички тешки, но се прават бидејќи целта е вредна. Според нив, нивните две земји, но и целиот регион, се промениле на начини што биле незамисливи до пред една деценија.
„Но, реформите и напредокот не можат да се засноваат само на вера. Во делови од Западен Балкан, ентузијазмот за ЕУ опстојува и покрај болните разочарувања. Албанците се и остануваат оптимисти. Србите се поскептични. Но, постои заеднички именител во регионот: луѓето треба да видат дека процесот е кредибилен и дека членството е остварливо во разумен временски рок“,
велат лидерите.
Рама и Вучиќ велат дека го напишале писмото бидејќи препознале дека денес Европа се стреми кон две подеднакво легитимни цели – земјите кандидати бараат реалистичен план кон полноправно членство, а земјите членки сакаат да го сочуваат капацитетот на ЕУ за дејствување, и нејзиното единство. Но, додаваат дека овој судир не мора да значи дека треба да се избере само една цел. Со имагинација и политичка волја, велат, тој може да стане стратешка можност.
„Затоа се залагаме за забрзана интеграција на подготвените земји кандидати во единствениот пазар и Шенген зоната. Ова би можело да донесе опипливи придобивки за граѓаните и истовремено да ја зајакне економската и геополитичката позиција на ЕУ без да ја оптовари архитектурата на донесување одлуки или да ја промени нејзината институционална рамнотежа. Тоа нема да подразбира ниту право на вето, ниту дополнителни комесари, членови на Европскиот парламент, ниту промени во структурите за гласање“,
порачаа тие.
Според нив, на овој начин проширувањето ќе стане поприфатливо за граѓаните во земјите што се скептични. Рама и Вучиќ нагласуваат дека проширувањето на ЕУ никогаш не било добротворен чин, туку взаемно корисна инвестиција, во која постојните членки добиваат нови пазари, талент и стратешка длабочина, а новите добиваат просперитет, безбедност и глас во обликувањето на Европа. Со тоа, како што велат, мирот на континентот се развил до степен што никогаш порано не бил забележан во европската историја.
„Противниците на Европа напаѓаат со наративи за пад и поделба. Силата на Европа отсекогаш произлегувала од нејзината способност да ги трансформира кризите во интеграција и различноста во единство. Следното поглавје од оваа приказна сè уште не е напишано. Со внимателно планирање, меѓусебна доверба и обновена политичка храброст, тоа може да стане нова европска приказна за успех. Не само за Западен Балкан, туку и за Европа како целина“,
порачаа лидерите на крајот од писмото.
