Албанскиот премиер, Еди Рама ги повика раководствата на Косово и Србија да се однесуваат со одговорност и разумност по тензиите на северот на Косово.
Премиерот на Албанија, Еди Рама реагираше по повикот на САД до Србија, да ги повлече војниците на границата со Косово и да спроведе итна деескалација на границата.
„Ги повикувам раководството на Косово и Србија да се однесуваат со одговорност и разумност“,
напиша Рама на Фејсбук, дополнувајќи дека „Албанија е посветена на безбедноста и стабилноста на Косово“.
Претходно, на социјалните мрежи тој наведе дека „КФОР е НАТО и не е окупаторска сила во име на Србија, ниту сила за поделба на територијата на Република Косово, туку напротив, многу голема гаранција во секој случај на закана“, нагласувајќи дека реакциите на неговата изјава дека КФОР мора да ја преземе контролата врз северот се „болни и смешни“.
Рама додаде дека Владата на Албанија комуницирала со највисоките нивоа на Евроатлантската алијанса за да ја гарантира безбедноста на северот на Косово.
Актуелната состојба во Косово, била тема на разговор и на средбата што вршителот на дејности во амбасадата на САД, Дејвид Визнер, ја остварил со албанскиот министер за Европа и надворешни работи, Игли Хасани.
Амбасадата информираше дека искажале заеднички став оти „нападот на 24.септември е неприфатлив и дека лицата инволвирани во истиот треба да бидат изведени пред лицето на правдата“.