Оваа одлука деновиве ќе се најде и пред членовите на Извршниот и на Централниот одбор, а веќе е планирано наредните денови да се одржат средби со коалициските партнери
На 3 март ќе се случи и официјалната промотивна конвенција
Стево Пендаровски да биде поддржан за кандидат за претседател на државата, одлучило попладнево раководството на Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ). Извор од партијата вели дека оваа одлука деновиве ќе се најде и пред членовите на Извршниот и на Централниот одбор.

Веќе е планирано наредните денови да се одржат средби со коалициските партнери, а на 3 март ќе се случи и официјалната промотивна конвенција.
„Пендаровски е победнички кандидат, со најголем коалиционен капацитет, кој заедно со СДСМ и со партиите од прогресивниот, демократски блок, силно ја споделува визијата за европска иднина на државата. Тој во досегашниот мандат го врати интегритерот и кредибилитетот на институцијата претседател и покажа што значи да се биде претседател за сите граѓани“,
велат од СДСМ.
Актуелниот шеф на државата сè уште не се изјаснил деке ќе се бори за втор мандат.
Пред десетина дена лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски, на новинарско прашање колку можни кандидати се предложени од партијата за претстојните претседателски избори рече дека меѓу нив се актуелниот претседател Стево Пендаровски, поранешни претседатели на државата, поранешни претседатели на СДСМ, поранешни секретари на СДСМ, но и врвни поранешни судии.
Сепак, Ковачевски рече и дека ќе биде номиниран претседателски кандидат кој ќе го продолжи она што Владата го прави, а тоа е да ја продолжи европската интеграција на државата.
Архитектот, политиколог и граѓански активист Тони Поповски денеска преку видеообраќање на својот фејсбук-профил изрази поддршка за кандидатура на Стево Пендаровски за втор мандат како претседател на Република Северна Македонија.
Според него, Пендаровски е умерен политичар кој обезбедува смирувачко присуство во политичкиот простор и има капацитет да посредува помеѓу лутите партиски ривали.
„Неспорен е и неговиот меѓународен углед, не само како претседател на републиката туку и како меѓународно угледен безбедносен експерт. Таа експертиза нас како држава и општество ни е неопходна во едно зовриено геополитичко опкружување“,
вели тој.