Македонија во првото коло загуби од Франција со 14:24, а потоа и од Холандија со 15:30, а во последниот меч го одиграа најдобриот натпревар на кој постигнаа и најмногу голови на ЕП
Македонската женска ракометна репрезентација вечерва загуби од Романија со 31-23. Ова беше трет натпревар за македонската репрезентација и трет пораз за ракометарките и со тоа го завршија натпреварувањето на Европското првенство на кое Македонија е еден од коорганизаторите заедно со Словенија и Црна Гора.
Македонија во првото коло загуби од Франција со 14:24, а потоа и од Холандија со 15:30, а во последниот меч го одиграа најдобриот натпревар на кој постигнаа и најмногу голови на ЕП.
Избраничките на селекторот Љубомир Савевски беа рамноправен противник во првото полувреме, но сепак немаа сили за сензација и во второто полувреме им дозволија на Романките да ја задржат предноста.
Најефикасни во македонските редови беа Сања Дабевска со седум и Симона Маџовска со шест погодоци. Кај Романија, Кристина Неагу даде 10 гола.
Пласман во следната фаза од групата на Европското првенство која се игра во Скопје обезбедија и Франција и Холандија, а двете репрезентации вечерва во директен дуел од 20:30 часот ќе играат за првото место.