Една ракета го погодила објектот за воздушна навигација во цивилниот дел на аеродромот, а четири паднале врз Центарот за дипломатска поддршка во Багдад, кој го користи Амбасадата на САД во Ирак
Најмалку пет лица се повредени откако неколку ракети го погодија меѓународниот аеродром во Багдад, каде што во голем воен комплекс се наоѓа американски дипломатски центар, објавија ирачките безбедносни служби.

Една ракета го погодила објектот за воздушна навигација во цивилниот дел на аеродромот, а четири паднале врз Центарот за дипломатска поддршка во Багдад, кој го користи Амбасадата на САД во Ирак.
„Меѓународниот аеродром во Багдад и неговата околина беа цел на пет ракети, при што се повредени четворица вработени и безбедносен персонал, како и еден инженер“,
се вели во соопштението на ирачките безбедносни служби.
Ракетите паднаа во периметарот на цивилниот аеродром, кој во моментов е затворен за летови, како и во близина на ирачка воена воздухопловна база и на затвор со висок степен на безбедност.
Ирак е вовлечен во конфликтот меѓу Америка и Израел против Иран
По нападите што Соединетите Американски Држави (САД) и Израел ги започнаа врз Иран на 28 февруари, во Ирак често цел се објекти поврзани со американската војска.
Проиранските ирачки групи тврдат дека вршат дневни напади со беспилотни летала врз американски воен персонал или нафтени постројки, додека позициите на овие вооружени фракции се цел на напади што им се припишуваат на Вашингтон или Израел.
Безбедносните сили вечерва го пронајдоа ракетниот фрлач што се користеше во нападот врз аеродромот во регионот Ал-Радванија, југозападно од ирачката престолнина, а три беспилотни летала се соборени од противвоздушна одбрана.
Американската амбасада во Багдад во саботата беше цел на напад со беспилотни летала, само неколку часа откако тројца проирански борци се убиени во воздушен напад во градот.
