Откако американски разузнавачи за американските медиуми соопштија дека очекуваат Киев да падне во рацете на руските сили во рок од максимум 96 часа, се огласи и државниот секретар на САД, Ентони Блинкен, со изјава дека е уверен оти Москва ќе се обиде да ја собори украинската влада
Главниот град Киев утрово бил цел на ракетни напади од руската страна. Си-ен-ен објави дека околу 5:40 часот се слушнале најмалку три експлозии во Киев за кои се претпоставува дека одекнале во југозападниот дел на градот.
Претходно и советникот на украинскиот министер за внатрешни работи Антон Герашченко објави дека започнал рускиот напад на Киев. Според неговата изјава, руските сили планираат да се пробијат до Киев со тенкови.
Претседателот Володимир Зеленски, пак, утринава изјави дека Русија продолжува со ракетните напади врз Украина, но и дека нејзините војници се запрени да напредуваат во повеќето правци.
Во телевизиско обраќање, Зеленски рече дека руските напади биле насочени и кон воени и кон цивилни цели.
„Целта на овој напад е притисок. Притисок врз вас драги граѓани. Притисок врз целото наше општество. Нагласувам: не само врз властите туку и врз сите Украинци“,
рече Зеленски.
Тој додаде дека нападот го потсетил на нападот на Киев во 1941 година.
„Ние сами си ја браниме државата. Најмоќните сили во светот гледаат од далеку. Дали вчерашните санкции ја убедија Русија? Слушаме на нашето небо и слушаме во нашата земја дека тоа не е доволно“,
нагласи Зеленски кој порачува дека Русија ќе мора да разговара порано или подоцна.
САД, пак, очекуваат дека Москва ќе сака да го окупира Киев. Откако американски разузнавачи за американските медиуми соопштија очекуваат Киев да падне во рацете на руските сили во рок од максимум 96 часа, се огласи и државниот секретар на САД, Ентони Блинкен, со изјава дека е уверен оти Москва ќе се обиде да ја собори украинската влада.
„Не треба да сте особено интелигентни за да ви биде јасно дека тоа е она што го сака претседателот Путин. Тој јасно стави до знаење дека сака да го обнови советското царство“,
рече Блинкен.
Сите докази сугерираат дека Русија планира да го опколи Киев, вели тој и додава: „Москва има планови за сериозни прекршувања на човековите права.