Таа тврди дека станува збор за обична порака испратена до пријател што бил вработен во министерството

Откако Министерството за внатрешни работи (МВР) денеска информира за поднесена кривична пријава против четири лица за наводна злоупотреба при издавање лични документи, со своја реакција се огласи една од осомничените, наставничката и поранешна ракометарка Валентина Радуловиќ.
Преку објава на својот фејсбук-профил, Радуловиќ категорично ги отфрла обвинувањата на МВР дека била дел од организирана шема за незаконско стекнување имотна корист. Таа тврди дека станува збор за обична порака испратена до пријател што бил вработен во министерството.
„Моја лична порака до пријател вработен во МВР за ургенција за блиски лица на кои им беше итно потребен нов пасош во периодот на големиот застој на почетокот на 2024 година, е злоупотребена за моја наводна инволвираност. Мојата пријателска ургенција кон пријател за пријател не ни можев да замислам дека ќе биде злоупотребена во овој контекст за вакво нешто за што читам дека сум инволвирана“,
вели Радуловиќ додавајќи дека е подготвена својата невиност да ја докаже пред сите институции.
Од друга страна, Одделот за внатрешна контрола при МВР поднесе кривична пријава до Обвинителството за организиран криминал против двајца полицајци – М. С. и П. П., наставничката В. Р. и еден пожарникар, А. С.
Според истрагата на МВР, во периодот од февруари до април 2024 година, групата работела по однапред утврден договор. Наставничката и пожарникарот наводно наоѓале „клиенти“ на кои им биле потребни документи по брза постапка и ги собирале нивните податоци.
Полицајците, пак, посредувале и директно вршеле фотографирање и прием на барањата надвор од редовните процедури.
Од МВР тврдат дека групата наплаќала за овие услуги, со што создале „паралелен неформален систем“ и го нарушиле принципот на еднаков пристап на граѓаните до јавните услуги.
Полицајците се товарат за злоупотреба на службената положба и примање поткуп, додека наставничката и пожарникарот се сомничат за кривичното дело примање награда за противзаконито влијание.
