За случајот информираа и од Основното јавно обвинителство Скопје од каде што рекоа дека врз основа на сите обезбедени докази веќе имаат поднесено обвинение и дека јавен обвинител доставил и предлог за определување повеќе мерки на претпазливост

Одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал при МВР, во содејство со Секторот за компјутерски криминал, поднесе кривична пријава против 40-годишната В.Ј. од Радовиш, со престојувалиште во Скопје, поради сторено кривично дело лажно пријавување кривично дело по член 366 од Кривичниот законик.
Жената е лишена од слобода откако е утврдено дека таа стои зад лажната дојава за поставена бомба во основното училиште „Крсте Петков Мисирков“ во Радовиш.
Од Министерството за внатрешни работи велат дека таа на 29 октомври годинава во 6:41 часот испратила заканувачката содржина на службената електронската адреса на училиштето користејќи претходно креирана мејл-адреса. Во пораката, меѓу другото, стоело и дека е поставена бомба во училиштето. Притоа жената го користела својот мобилен телефонски апарат и провајдерот „Гугл“.
Од МВР велат дека биле преземени мерки за утврдување на потеклото на ИП-адресите, при што бил утврден сторителот.
Исто така, била извршена и антитерористичка проверка во основното училиште, при што е потврдено дека не се пронајдени експлозивни средства и направи.
За случајот информираа и од Основното јавно обвинителство Скопје од каде рекоа дека врз основа на сите обезбедени докази веќе имаат поднесено обвинение.
Јавниот обвинител до Судот доставил и предлог за определување повеќе мерки на претпазливост – забрана за напуштање на престојувалиштето, привремено одземање патна исправа и забрана за преземање определени активности кои се поврзани со кривичното дело, односно – забрана за испраќање пораки со заканувачка содржина.
