Потпретседателот на Српската листа, Милан Радоичиќ, косовската полиција го идентификуваше како организатор и учесник на нападот врз косовската полиција во селото Бањска на 24 септември. Министерот за внатрешни работи на Косово, Џелал Свечља, објави и видео во кое тврди дека меѓу униформираните вооружени лица кои се судриле со косовската полиција е и Милан Радоичиќ
По обвинувањата на Приштина оти потпретседателот на најголемата партија на косовските Срби (Српска листа), Милан Радоичиќ, учествувал во нападот на косовската полиција минатиот викенд, српскиот претседател Александар Вучиќ во синоќешното интервју за РТС изјави дека Радоичиќ е во Србија и дека ќе биде сослушан.
„Тој дефинитивно ќе одговори на поканата на надлежните органи на Република Србија, убеден сум дека ќе биде сослушан… Република Србија и нејзините надлежни органи ќе ја завршат својата работа“,
изјави Вучиќ во синоќешното интервју за српскиот радиодуфузен сервис.
Потпретседателот на Српската листа, Милан Радоичиќ, косовската полиција го идентификуваше како организатор и учесник на нападот врз косовската полиција во селото Бањска на 24 септември. Министерот за внатрешни работи на Косово, Џелал Свечља, објави и видео во кое тврди дека меѓу униформираните вооружени лица кои се судриле со косовската полиција е и Милан Радоичиќ.
На прашањето дали снимката што ја објави косовскиот министер е автентична и дали Радоичиќ бил во селото Бањска, Вучиќ одговори дека тоа ќе го утврдат надлежните органи.
Прашан која била намерата на нападот на вооружената група врз косовската полиција, српскиот претседател рече дека не знае и негираше дека Србија учествувала во нападот.
„Од каде да го знам тоа, но сигурен сум дека отидоа да ги чуваат своите куќи и да се подготват за некои идни напади“,
изјави српскиот претседател.
На прашањето дали има информации за нападот, Вучиќ, меѓу другото, одговори:
„Веќе една година имам информации дека луѓето се подготвуваат за отпор и тоа не го кријат“,
рече тој, додавајќи дека претставниците на Србите од северот на Косово биле против отстранување на барикадите што беа поставени во неколку наврати во изминатите денови.
Српскиот претседател кажа дека за убиството на косовскиот полицаец нема никакво оправдување, но додаде дека за него, напаѓачите на косовската полиција никогаш нема да бидат терористи.
„Ќе побараме да ни ја покажат снимката од дрон за тоа како е убиен полицаецот. Тоа не беше планирано убиство. Како што стојат работите, напаѓачите поставуваа барикади, а не стапици“,
рече Вучиќ и додаде дека косовскиот полицаец „бил ранет од експлозив што бил користен за поставување барикади“ и дека по тоа имало пукање.
Според неговите тврдења, косовската полиција потоа тргнала во акција со намера да ги „ликвидира сите Срби“. Тој ја обвини владата на косовскиот премиер Албин Курти за „терор“ врз Србите од Косово и ги повика Србите на мир.
„Барам од нив да се обидат на мирен начин да го добиеме она што ни припаѓа, да побараат полицијата на Курти да излезе оттаму. Мирот е наш интерес и тоа го барам од нив“,
порача српскиот претседател.
Косовската полиција беше нападната рано утрината на 24 септември од група маскирани и вооружени лица, при што загина еден полицаец. Најмалку тројца од напаѓачите се убиени. Во меѓувреме, шест лица, кои се осомничени за поврзаност со вооружената група, се уапсени.