Наградите се дел од тековниот проект „Зајакнување на квалитетните вести и независното новинарство во земјите од Западен Балкан и во Турција“ администриран од Балканската истражувачка репортерска мрежа (БиХ) во партнерство со седум медиумски организации
Како продолжение на регионалната „Награда од Европската Унија за истражувачко новинарство“ во земјите од Западен Балкан и во Турција, денеска беа доделени три награди за најдобри истражувачки стории во Северна Македонија. Првото место го освои истражувачката сторија на екипата од Радио МОФ насловена „По трагите на балканскиот рис“ – истражувачка сторија во две продолженија.
Во изработка на оваа сторија учествуваа Јасмина Јакимова, Даниел Евросимоски, Емилија Петреска и Бојан Шашевски. Првиот дел од истражувањето е насловен „По трагите на Лиса и Филипче, балканските рисови кои обединија три држави“, а вториот дел од сторијата е насловен „Недопирливите“ убијци на балканскиот рис.
Второто место го освои Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) за серијалот истражувања насловени „Пандемско профитерство – другата страна на приказната за Ковид-19“.

Сторијата „Работат 44, а плата земаат 1410 лица“ – истражувачки серијал за работата на Министерството за политички систем, изработена од Кристина Озимец и Влатко Стојановски го освои третото место. Оваа сторија беше објавена на Пина.мк и Самопрашај.мк.
„Во одлучувањето се водевме по зададени критериуми што ја оценуваа релевантноста на сториите, квалитетот, оригиналноста и професионалниот новинарски интегритет“,
рече претседателката на жири-комисијата на ЕУ наградите за истражувачко новинарство за 2020 година и уредничка во Сакам Да Кажам, Марина Костова.
Наградите се дел од тековниот проект „Зајакнување на квалитетните вести и независното новинарство во земјите од Западен Балкан и во Турција“ администриран од Балканската истражувачка репортерска мрежа (БиХ) во партнерство со седум медиумски организации.
Наградата на ЕУ за истражувачко новинарство е воспоставена од Европската комисија во 2015 година, со цел да ги истакне и промовира достигнувањата на истражувачките новинари, но и да го подобри квалитетот на новинарство во земјите од Западен Балкан и Турција.